за

Пари за зимски гуми нема, луксузниот отпад бара скапи гуми

Тешките лимузини од бугарските отпади се добри, за на улица да се одглуми отменост и богатство, но не и со нив да се одглуми дека гумите се добри.

Можеби тоа ќе беше смешно, доколку не се доведуваше во прашање човечкиот живот и здравје. Тоа што маса автомобили остана заглавена по патиштата, откако падна снегот што требаше да падне, претставува досега најочигледно сведоштво за катастрофата што со децении го погодува возниот парк во земјава.

Големите и силни автомобили и теренци од скапи марки, стари по две децении и со шанса за исправност помала од шанса за Марјана да извлече седумка, се покажа и докажа дека се мошне делотворни да се одглуми аристокрација и припадност на царска лоза, кога наива-глумциве со нив ни парадираат по улици, пред слаткарници, па ако треба и по плочници пред аеродромски трговски центри.

Тоа е суровата и веќе непобитна вистина за состојбата со автомобилите на овие простори, по близу деценија и пол откако во кобната 2010 година, под присила се дозволи првата армија од 50.000 крш коли, без каква било еуро норма, сите дотогаш со бугарски таблици, да се пуштат покрај нас, без законите што претходно нé штитеа од такви, помалку непромислени, а повеќе идиотски потези.

Народски Пунто и Поло се заменуваа масовно со божем мафијашки бемвиња и црни џипови, само колку да се ставиме во филм, дека сега со „новите“ автомобили, конечно почнува нов и подобар живот. Фирмите одненадеж почнаа да работат многу поуспешно и понадежно, откако се вози бемве петка со прилепено М. Исто и најголемиот вработувач, државата, почна да се движи со многу позабрзано темпо, откако административците и собирачите на тендерска документација возат црн џип, место Шкода или Ситроен. Сé е само глумење, ништо повеќе од тоа. Лошо, патем.

Додека со народските Пунто и Поло тогаш можевме да имаме и нови гуми, или барем подобри гуми, со подлабок профил и од поквалитетни и соодветно поскапи марки, за денешните бемвиња и црни џипови што се рециклирани со врвна бугарска технологија од европските отпади, нема пари за гуми. Тоа значи и дека пропаѓа филмот, кога треба да се одглуми „види ме како возам кола од 80.000 марки“ по снег и мраз.

Кога се избира квалитетна зимска гума, се вложува во автомобилот најмалку за следните пет или шест години – можеби со тоа се вложува и во животот

Една куса математичка пресметка. Гума со димензија 195/65 Р15 од квалитетната и прва марка Гудјир, на домашен онлајн-портал за гуми чини 5.425 денари, за врвниот модел Ултрагрип 9+. Toa е една од трите најдобри зимски гуми според најновиот тест на германски АДАК. За четири гуми, сумата изнесува 21.700 денари. Тоа е трошок што може да се поднесе, сепак се вложува во гуми за уште најмалку пет сезони.

За споредба, за парадно бемве икс, со гуми за коишто цела околина знае дека имаат димензија 255/55 Р18, трошокот за зимски гуми изнесува 11.830 денари. За една гума, од моделот Ултра Грип Перформанс СУВ Г1, што е наменет за СУВ-модели со високи перформанси – и за отмена господа што нема да помисли да вгради нешто недолично во својот автомобил. За четири гуми, научниот пeцe-калкулатор пресметува 47.320 денари. Не постои поевтина алтернатива, односно не постои можност за тоа престижно и луксузно возило да се најдат соодветни зимски гуми, по пониска цена од таа. Разликата во цената во споредба со претходно наведените гуми со помалата димензија изнесува 25.620 денари. Повеќе од двојно.

Погрешно е верувањето дека зимските гуми се наменети само за возење по снег. Нивната главна предност е задржување на еластичноста при ниски температури и истиснувањето на стопениот снег со профилот на гумата

А, кој тоа вели дека не може да се најде поевтино? Зошто, пак, да морало да се избере Гудјир, кога истата димензија ја има во продавницата зад ќоше, трипати поевтино. На таа гума сигурно и шарата ѝ изгледа убаво, а на крајот, од зимските гуми единствено се бара да имаат крампони, тоа сите го знаат. Сите зимски гуми се исти. Токму тоа размислување, а уште полошо, постапување, доведе до смешно-трагичната слика викендов, насекаде ширум земјава, што од патриотски причини, многумина почнаа да си ја нарекуваат „оваа“.

Не само што моќните и тешки лимузини и џипови, што практично се конструирани да возат со гуми од врвни марки, тука не се опремуваат со зимски гуми, туку и се продолжува со летни, стари и неквалитетни гуми

Вистинската слика е уште посрамотна. Дури не се купуваат ниту тие трипати поевтини зимски гуми, со коишто е поголема опасноста да се излета на влажно и на суво, отколку по снег, туку се продолжува со летните гуми, веројатно веќе постари од осум години, напукнати, крути и кршливи, изедени, одвај со два или три милиметри преостанат профил.

Може ли реалноста да е уште пострашна и од тоа? Секако може. Исто како што со необичните што ја водат земјава, дознавме дека и под дното има уште дно, така и со гумите. Летните гуми со коишто во саботата масовно заглавуваа нашите парадни мајстори, исто така се од марките што се трипати поевтини.

Посебна тема е тоа што поимот зимски гуми воопшто не подразбира дека тоа се гуми наменети исклучиво за возење по снег, туку се гуми што се побезбедни, покомфорни и помалку се трошат, почнувајќи од температура од 7 степени Целзиусови, па надолу – Плус 7 степени

Многу наука има во гумите и постои голема разлика меѓу квалитетна и трипати поевтина марка. Дури и наивно се верува дека зимска гума е таа на којашто стои М+С. Познавачите на тоа ќе се насмеат и ќе го побараат знакот со две планини. Тие знаат и дека прво треба да внимаваат на марката.

Една телевизија со најдобрите турски серии од 1903 година наваму, проба да ги праша граѓаните, кој е виновен, државата или граѓаните. Државата кога пред деценија и пол ги сосекуваше нормалните законитости за одржување на автомобилскиот парк во една земја, требаше да биде наполно свесна дека тоа води кон оваа циркусијада. Не заглавија само автомобилите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тројца авантуристи ќе се борат за гласови за наградата од Дефендер

Париз со поскап паркинг ќе ги брка големите СУВ од градот