за

ZF развива активна амортизација за поевтините возила

Техничарите се во постојана потрага по подвозје што во исто време обезбедува спортско возење и комфор како во луксузна лимузина. Досега тоа беше привилегија само на скапите автомобили.

Дотерувањето на подвозјето на автомобилите е работа на компромиси. Ако се бара комфор, амортизацијата треба да работи меко, а ако се бара возливост на спортски автомобил, тогаш се избираат амортизери што нема да потклекнуваат ниту пред најситната нерамнина во подлогата. Средината меѓу овие две крајности тешко се постигнува.

Досегашните обиди да се развие активен систем за амортизација со широк дијапазон на работа пропаѓаа поради високите трошоци, комплексноста или потрошувачката на струја. Добавувачот ZF и американскиот партнер Levant Power објавија дека ја развиваат технологијата GenShock, со цел да се постигнат предностите на активната амортизација при ниска потрошувачка на струја, минимална комплексност и ниска цена.

Технолошка основа на активниот систем е иновативен функциски модуи што се поставува надворешно на амортизерот. За оваа примена се користат и специјално конструирани вентили во амортизерот. Модулот е мошне компактен и се состои од сопствена контролна единица, електромотор и електрохидраулична запчеста пумпа. Последнава добива погон од електронски контролираниот електромотор и има задача да го регулира протокот на масло во амортизерот. На тој начин, работата на амортизерот се приспособува автоматски според условите на возење, со цел да се постигнат оптимална динамика, комфор и безбедност. Системот е во состојба да го спречува и потонувањето на каросеријата при силно сопирање, како и страничното наведнување при брзо менување на правецот. Технологијата го постигнува тоа преку посебна контрола на секое тркало.

Кога условите на возење го дозволуваат тоа, новиот систем од вентили ги користи работниот и повратниот од на клипот на амортизерот за рекуперација, односно за повраток на енергијата. Во тој случај, системот го пренасочува маслото во амортизерот за тоа да го задвижува електромоторот за пумпата. Тој притоа функционира како генератор, односно ја претвора создадената енергија на движење во струја, која што потоа се пренесува во струјната мрежа на возилото и со тоа придонесува за намалување на потрошувачката на гориво и на емисијата на СО2. Овој ефект е најизразен кога се вози по неквалитетен пат.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes ќе ја произведува класата А и во Финска

Фејслифт на Dacia Duster за салонот во Франкфурт