Меѓу автомобилите што најверно ја отсликуваат автомобилската индустрија на тогашната Источна Германија, секако се вбројува Вартбург 353. Достапен во лимузинска и комби форма, Вартбург вооошто не делуваше застарено.
Вартбург 353 учествуваше со не толку мал удел во возниот парк во тогашна Југославија, секако заедно со Трабант 601, со бројни модели на Шкода, Полски Фиат, Рено 4, Ситроен Дијана и по некој ГС, ТАС, многу ретко Опел, нормално Застава.
Автомобилот од „другата“ Германија изгледаше мошне пристојно, со дизајнот на каросеријата што е дело на Ханс Флајшер. Изгледот беше голема отстапка и напредок од моделот од претходната генерација, со ознака 311.
Не се сведуваше сé на пристојниот изглед, 353 нудеше и просторна кабина, голем багажник со преку 500 литри, па дури и техниката му важеше како издржлива. Доколку нешто попуштеше, лесно се поправаше.
Под хаубата работеше истиот мотор како во 311. Тоа е водено ладен двотактен мотор со три цилиндри и работна зафатнина од 1,0 литар. Во првите години, моќноста изнесуваше 45 КС, а подоцна се приклучија уште 5 КС.
Со карактеристичен звук на два такти, Вартбургот оставаше впечаток на брзо автомобилче. Крајната брзина е 130 километри на час, а потрошувачката се движи меѓу 8,5 и 10 литри мешавина. Моторот дури сака високи вртежи.

„Драј драј унд фунфцих“, како што го нарекуваат Германците, по бројчената ознака, важи како издржлив автомобил. Производството траеше дури 25 години.
Повеќе од половината од произведените 1,2 милион возила, заминаа за извоз, вклучувајќи ја и тогашна Бундесрепублик Дојчланд, западната Германија.
Поради тоа што се ставаше предимство на извозот, источногерманските возачи чекаа и по 17 години за да им биде испорачан нивниот Вартбург.

БМВ произведуваше во фабриката на Вартбург
Постои историска врска меѓу Вартбург и БМВ. Баварците во 1928 година ја презедоа тогашна Фарцојгфабрик Ајзенах, фабрика за возила Ајзенах, каде што се произведуваа модели со име Вартбург. Две години подоцна, БМВ го лансира својот прв спортски модел 3/15 ПС ДА Вартбург.
По војната, фабриката им припадна на Советите, односно за Источна Германија. Таму продолжи производството на модели на БМВ, што траеше до 1952 година, кога Ајзенах повеќе не смееше да го користи тоа име. Од БМВ стана ЕМВ, за Ајзенах Моторен Верке. По четири години, марката се преименуваше во Вартбург.
Посебно поглавје почнува во 1988 година, кога на сцената доаѓа Вартбург 1.3, со нов четиритактен мотор со 58 КС, што првично беше наменет за Фолксваген Поло. Освен моторот, возилото претрпе промени практично во сите подрачја.
















