Научници развија лак што прави автомобилот да изгледа како да е во две димензии

Научници од Шангај развија автомобилски лак, што впива 99.9 проценти од видливата светлина. Каросеријата на тој начин изгледа како црна силуета, како да е плоча. Но, додека почне неговата примена, има уште многу.

Лакот со волшебен ефект може да направи автомобилот да стане речиси невидлив.

Научниците од истражувачкиот центар на групацијата Нипсеа, огранок на Нипон Пејнт, развија лак што го нарекоа Ултра-Блек. За разлика од поранешните обиди, овој лак не само што прави возилото да биде исклучително темно, туку и подобро ги издржува влијанијата во секојдневието.

На идејата за лакот почна да се расботи уште во 2014 година. Британската компанија Сари НаноСистемс тогаш го претстави Вантаблак, како најтемен дотогаш познат материјал. Првичната намена му беше за телескопи, камери и други оптички уреди. Тој впива 99,965 проценти од светлината.

Овој пронајдок стана познат благодарение на БМВ. Баварците во 2019 година прикажаа Икс 6 со вантаблак-лак на салонот ИАА. Лакот направи да исчезнат контурите од каросериската форма, но уште беше далеку од сериска примена. Слојот беше чувствителен, скап и тешко се нанесуваше на поголема површина.

Главните одлики на волшебниот црн лак

  • Лакот ги прикрива контурите на каросеријата и таа за човечкото око изгледа како да е од две димензии, како црна плоча.
  • Трикот се состои во комбинацијата од јаглеродни наноцевчиња со наночестички чад. Светлото се распрскува во таа микроструктура и се впива речиси целосно.
  • Пронајдокот ги мина основните тестови на издржливост, но престојат бројни тестови, како отпорност на УВ-зраци, на гребење или удари од камчиња

Според наводите од научниците, посебноста на новиот лак е во тоа што впива 99,9 проценти од видливата светлина. Така исчезнуваат рабовите, заоблувањата, линиите по каросеријата. Автомобилот изгледа речиси како рамна црна плоча, како силуета.

Научниците од Шангај ги надминаа предизвиците на своите претходници. Нивниот лак е поедноставен за изработка и полесен за нанесување. Првите тестирања покажаа добри наоди. Лакираните плочи беа изложени десет денови во вода на 40 степени Целзиусови и две недели на влажност на воздух од 95 проценти, исто така на 40 степени. Не се воочија промени.

Што попречува лакот да почне да се применува масовно

Иако од техничко гледиште лакот ветува многу, бројни прашања остануваат неодговорени. Прво треба да се провери, дали е економски исплатливо лакот да се користи помасовно.

Постои и друг сериозен проблем. Поради тоа што не се воочуваат контурите и нема отсјај, возилото многу потешко се воочува на улица. Се истражува колку тоа може да се смени со додавање тенок слој проѕирен лак, што ќе создава мала рефлексија, но пак ќе остане спектакуларниот ефект на црна плоча.

Најголем интерес се очекува кај производителите на луксузни автомобили

Според научниците, нивната работа првенствено е насочена кон домашните производители на луксузни возила. Темните црни каросерии во Кина се знак на посебна елеганција и ексклузивнсот.

Останува главиот проблем, а тоа секогаш е цената. Европските производители, како Мерцедес-Бенц, Порше или БМВ, уште немаат пројавено интерес за лакот да го користат во сериска примена.

Претходна објаваВартбургот направи 60 години
Следна објаваСподелена пасија и моќни перформанси: Незаборавно искуство на големиот Porsche Community настан во Скопје

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here