
Салонот на автомобили во Пекинг, Ауто Кина, стана една од најважните сцени за автомобилската индустрија во светски рамки. Повеќе новитети и повеќе марки изложуваат на кинескиот салон, отколку на било кое друго место низ светот.
Секако дека и домашниот производител Чери го искористи настанот, за светот да го запознае со своите модели и планови. Меѓу неколкуте новитети, коишто не донесуваат ништо ново во техниката, туку претставуваат само препакување на техника што одамна е застарена, се најде и спортската лимузина Аризо С. Таа стана ѕвезда, цел свет се сврте кон новиот модел. Но, не за да се одушевува, туку да се изнасмее на идејата на Кинезите да копираат автомобил што сите го препознаваат. Ауди А5.
Иако Чери го претстави новитетот само како концептен автомобил, производителот на евтините Тиго најави дека уште пред завршетокот на годинава ќе го пушти моделот во продажба.
Аризо С, со име што треба да асоцира на воздигнување, се позиционира над лимузината Аризо 5, со конструкција што датира од 2010-те, и над лимузината Аризо 8, што дилер на Чери своеремено се обиде да ја продава и на македонскиот пазар, но без успех.
Според кинеските медиуми, Аризо С ќе користи дволитарски турбо бензинец со моќност од 260 КС. Тоа е мошне оптимистичка вредност за моќноста.

Околу техниката секако дека никој не се интересира, но изгледот привлекува „внимание“
Не треба многу фантазија за во изгледот на Чери Аризо С да се препознае Ауди А5. Единственото што ги разликува двата модели кога се гледа од повеќе агли, тоа е логото, „светите“ четири прстени на Инголштат. Кога понатаму ќе се прошета со поглед по каросеријата, се забележуваат сличностите со уште неколку модели на кватро-марката.
Целата предница, вклучувајќи ја хаубата, се разликува од Ауди единствено по тоа што отсуствуваат четирите прстени. Место тао, закачено е логото на Чери
Формата на светлата, шестаголната маска со саќеста решетка и целата форма на отворите за воздух во браникот, потсетуваат на Ауди РС6.
Профилот, пак, со покривот што меко се спушта наназад, целосно е ископиран од новиот Ауди А5. За опашот, со тенката светлечка лента што се протега по целата ширина, заедно со светлечката графика, кинеските дизајнери очигледно имале пред себе слика на Ауди А7.
За да не ги „откријат“, внатрешноста е копирана од Мерцедес
Кинезите се потрудиле дополнително, та за внатрешноста погледнале како тоа го работат во Штутгарт, токму во Мерцедес-Бенц. Иако сличноста не се открива на прв поглед, деталите јасно го покажуваат изворот. Амбиенталното осветлување, дрвените украси, дизајнот на облогите на вратите, а посебно рачките, сé е Мерцедес-Бенц. Барем, дизајнерите се држат во тек, затоа што се копирани новите ГЛЦ и Ц-Класа.
Копир-мајсторите на Чери се сетиле да ги украдат и звучниците, затоа што изгледот на решетката целосно е преземен од Бурместер, германскиот производител на врвна аудио опрема, што продава звучници по цена далеку над кинескава лимузина.
Со истата вознесеност, кинеските божем-дизајнери, го прецртале и штепувањето на седиштата што Мерцедес-Бенц го користи кај кожените ентериери што се изработени од мајсторите на Мануфактур. И тие чинат повеќе отколку лимузина на Чери пред да излезе од фабрика.
Цените уште не се објавуваат. Тие е сосем извесно дека ќе бидат над досегашната Аризо 8, што во Кина чини од 99.900 јуани до 148.900 јуани, односно од околу 12.500 евра до 18.600 евра преку сила. Овдешен дилер, своевремено бараше 24.000 евра за лимузината.















