за

Нова генерација на Passat во септември, брзо потоа и нов Superb

Volkswagen ќе го произведува новиот Passat само во комби-изведба, додека сестринскиот модел Skoda Superb ќе биде достапен и во лимузинска изведба.

Volkswagen ќе започне со испораки на новата генерација на Passat во септември, за пред завршетокот на годината да следи и нов Skoda Superb, којашто ја дели техниката со германскиот модел од средната класа. Тоа го најави шефот на марката Volkswagen, Томас Шефер.

Volkswagen Passat и Skoda Superb ќе се произведуваат на иста монтажна линија во фабриката на на групацијата во Братислава, Словачка. Германскиот традиционален модел досега се произведуваше во фабриката во Емден, додека Superb излегуваше од фабриката на Skoda во Квасини, Чешка.

Лимузинската изведба повеќе нема да биде достапна во гамата на Volkswagen Passat. Наспроти тоа, Skoda Superb и натаму ќе се произведува во лимузинска и во комби изведба. Тоа го најави извршниот директор на VW, Томас Шефер, во разговорите по претставувањето на концептниот автомобил VW ID2all.

Passat беше најпродаван модел од средната класа во Европа лани, со продадени 66.621 примероци, иако тоа е за 20 проценти под резултатот од 2021 година. Втор најпродаван модел во средната класа е токму Skoda Superb, со 45.042 примероци.

Skoda беше задолжена со развојот на двата модели. Тоа треба да послужи како пример за тесната соработка меѓу големоволуменските марки во групацијата, со задржување на различните дизајнерски обележја на двете марки.

Во фабриката во Емден, каде што досега се произведуваше Passat, се ослободува место за електричните модели. Лани почна производството на електричниот СУВ-модел Volkswagen ID.4. Како следен чекор, купе-лимузината Arteon, којашто моментно се произведува во Емден, ќе биде заменета со ID.7, новиот знаменосец на VW со електричен погон.

Братислава ќе продолжи да ги произведува големите СУВ-модели од премиум марките на групацијата, вклучувајќи ги Audi Q7, Porsche Cayenne и VW Touareg.

Во фабриката во којашто работат три производствени линии, исто така продолжува производството на електричното мини VW e-Up. Тоа го изјави директорот за производство за марката VW, Кристијан Фолмер.

Според првичните планови, концернот Volkswagen требаше да ги произведува новите Passat и Superb во Квасини, пред нивното производство да го пресели во планираната нова фабрика во Турција. Но, плановите за таа фабрика се откажани.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Cupra планира да стартува на американскиот пазар со големи СУВ на струја

Светот сака да гледа уште од Peugeot Inception Concept