за

Cupra планира да стартува на американскиот пазар со големи СУВ на струја

Cupra почна со испитување на пазарот, дали постојат изгледи за марката да се продава во САД, како дел од планот за годишно да продава 500.000 возила ширум светот.

Втората шпанска марка на концернот Volkswagen и сестринска марка на Seat, спортската и електрична Cupra, почна со истражување на американскиот пазар, за можно проширување. Тоа го објави Вејн Грифитс, извршен директор на Seat и Cupra.

Можниот старт на Cupra на американскиот пазар е дел од офанзивата на марката за освојување нови пазари. Cupra претходно имаше улога на спортска подмарка на Seat, но во меѓувреме во понудата почнаа да пристигаат сопствени модели.

Cupra веќе се продава во Мексико и Австралија, а наскоро следат Колумбија и Чиле. Проширувањето на пазарот ќе овозможи шпанската марка во среден рок да достигне годишна продажба од 500.000 возила.

„Што се однесува до нашата амбиција да прераснеме во вистински глобална марка, во моментов ја испитуваме можноста за влез на пазарот во Северна Америка,“ изјави Грифитс за време на годишната конференција за медиуми на Cupra. „Во моментов вршиме тестирања со потенцијалните купувачи; веруваме дека на Американците им се допаѓаат дизајнот и врвните перформанси на Cupra.“

Првите резултати од тие тестирања ветуваат многу, додаде Грифитс.

Директорот не наведе кои се моделите на Cupra што би се продавале на пазарот во САД. Тековната моделска понуда опфаќа четири компактни модели: Комбилимузината Leon, кросоверот Formentor, СУВ-моделот Ateca и целосно електричната комбилимузина Born, варијанта на Volkswagen ID.3.

Понудата в година ќе ја дополни Tavascan, компактен СУВ со целосно електричен погон, а по него следи и Terramar, кросовер од средна класа. Светската премиера на Tavascan ќе се одржи во мај во Берлин.

Електричниот Tavascan, со каросерија во стил на купе, беше прикажан на салонот во Франкфурт во 2019 година. Производството ќе започне в година.

За пазарот во САД се потребни поголеми модели

Во интервју за британскиот магазин Autocar, Грифитс објасни дека во случај марката Cupra да стартува со продажба на пазарот во САД, за тоа ќе бидат неопходни поголеми модели со целосно електричен погон.

„Во САД ви е потребен автомобил што одговара за САД и што е електричен,“ изјави Грифитс за Autocar. „Американските електрични автомобили главно се поголеми, така што тој модел ќе биде од следната генерација електрични автомобили што ќе бидат конструирани врз платформата SSP од Volkswagen.“ Модели врз таа платформа ќе почнат да се произведуваат по 2025 година.

Грифитс посочи дека тајмингот за влез на пазарот во САД би бил поврзан со преоѓањето на Cupra во целосно електрична марка. Тоа ќе се случи до 2030 година. Како нова марка, Cupra ќе мора да се пробие и на самиот европски пазар, додаде тој.

„Вложувањето во автомобили што се подготвени за Америка се исплатува и верувам дека прво треба да зајакнеме во Европа и да бидеме сигурни дека сме ја завршиле домашната задача,“ заклучува Грифитс, додавајќи дека пазарниот удел на Cupra во Европа треба да се движи меѓу 3 и 4 проценти.

Пазарниот удел на Cupra во првите два месеци изнесува 1,2 процент, што претставува зголемување од 60 проценти во споредба со лани.

Северноамериканскиот пазар им е омилена цел на европските спортски марки. Alfa Romeo, италијанската премиум марка во концернот Stellantis, го заврши првото поглавје на тамошниот пазар во 1995 година. Но, во 2014 година, марката се врати во САД, со купето 4C, за по него да следи лимузината од средна класа Giulia и нејзината СУВ-сродничка Stelvio. Компактниот СУВ-модел Tonale се продава од лани. Извршниот директор Жан Филип Импарато изјави во јануари, дека е во развој голем целосно електричен модел, што во 2027 година ќе почне да се продава и во САД.

Спортската марка Alpine, дел од Renault Group, исто така планира проширување на пазарот во САД, почнувајќи во 2027 или 2028 година. Извршниот директор Лорен Роси изјави во јануари, дека американскиот пазар ќе биде клучен за амбициозните планови на Alpine, за зголемување на добивката и на продажбата. Планот на Французите е да продаваат два модели во САД, еден целосно електричен СУВ од средна класа и сличен модел, но со поголема каросерија, од 2027 или 2028 година.

Tavascan и Terramar почнуваат со продажба во 2024

Моделското семејство на Cupra во следните две години ќе се прошири со три нови модели. Премиерата на Tavascan е во следниот месец, а продажбата почнува во 2024. Моделот ќе се изработува во Кина, во заедничка инвестиција на Volkswagen во фабрика во провинцијата Анхуеи.

Исто така в година стартува и поголемиот СУВ-модел Terramar. Тој ќе се нуди и во обична изведба со мотор со внатрешно согорување и во изведба на приклучен хибрид. Неговото производство ќе биде во фабриката на концернот Volkswgen во Ѓер, Унгарија. Таму се произведува и Audi Q3 Sportback, чијашто платформа всушност ја користи Terramar.

Грифитс посочи дека Terramar е можна замена за постоечкиот компактен СУВ-модел Ateca, иако со своите 4.500 mm е подолг од неа.

Најважниот нов модел пристига во 2025 година. Тоа ќе биде мала комбилимузина со целосно електричен погон, којашто беше најавена со концептот Urban Rebel.

Тој ја користи платформата MEB Entry на концернот Volkswagen, исто како и идниот VW ID.2. Двата модели ќе се произведуваат во фабриката на Seat во Марторел, во близина на Барцелона, каде што се вложуваат три милијарди евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Лабораторијата за безбедност на Mercedes-Benz пред 50 години

Нова генерација на Passat во септември, брзо потоа и нов Superb