За некои марки се вели дека се премиум, но тоа не е поради скапите материјали што се вградуваат или поради силните мотори, туку е поради тоа што тие марки го имаат направено пред останатите. Mercedes-Benz ESF 22 пред половина век најави бројни безбедносни технологии што потоа прејдоа во стандард кај автомобилите.
Во 1973 година, Mercedes-Benz разви еден автомобил што поседуваше бројни технологии во подрачјето на безбедноста, дотогаш непознати во автомобилскиот свет. ESF 22, со ознака што доаѓа од Experimentier-Sicherheits-Fahrzeug, односно експериментално безбедносно возило, лесно се ппрепознава дека тоа е S-Class од 1970-те години. Но, уште од самиот нос на големата лимузина се познава дека нешто е сменето.
Безбедноста е причина за целиот нос да биде обложен со пластика. Таа беше идејата на инженерите, со целосно обложување со пластика да се постигне подобра заштита на пешаците. Носот е преземен од родстерот SL и обложен е со материјалот за заштита при судир. Исто и светлата се обложени и вовлечени се навнатре. Браниците ја прифаќаат енергијата на ударот. Бришачи на светлата се грижат светлосниот сноп да не биде попречуван од нечистотија.
Во почетокот на 1970-те години, статистиката на незгоди во сообраќајот достигнува црни рекорди. Густиот сообраќај доведува до зголемување на бројот на жртви во сообраќајот. За тие состојби да се надминат, потребно е да се внесат иновации во безбедноста на возилата. Mercedes-Benz поставува стандарди во поглед на заштитната структура на каросеријата уште со „Heckflosse“, со лимузините со впечатливите „перки“ на опашот во 1959 година.
Проблемот е тоа што во развојот на безбедноста не се придава високо значење од страна на сите производители. Американското министерство за транспорт дава поттик во таа насока и ја основа т.н. програма за експериментални безбедносни возила. Целта е преку таа програма да се развијат нови стандарди во безбедноста на возилата, коишто ќе важат за сите производители.

Mercedes-Benz почнува низа експерименти во насока на безбедноста, со својата серија возила ESF. Почнувајќи од 1971 година, изработени се повеќе од 30 такви експериментални возила. Mercedes-Benz ESF 22 е третото возило од таа серија, што е прикажано пред јавноста. Германците го претставуваат ова возило за време на светската конференција за експериментални безбедносни возила, што се одржува во мај 1972 година во Кјото, Јапонија.
Основата на ESF 22 е еден мошне претставителен автомобил од тоа време, S-Class од 1972 година, од серијата W 116.
Претходно јавноста ги запознава ESF 05, во октомври 1971 година, и ESF 13 во мај 1972 година. Најновото возило од оваа серија е ESF 2019, повторно со мноштво иновации во подрачјето на безбедноста.