за

Сите шефови на Volkswagen од 1947 година до денес

Концернот Volkswagen тагува по поранешниот шеф Карл Хан, кој почина на 96 години. Хан направи бројни клучни промени во Волфсбург, што придонесоа за Volkswagen да се издигне во моќен автомобилски концерн.

Германскиот автомобилски концерн низ годините се сочуваше со големи предизвици и со радикални промени на правецот во којшто се развиваше Volkswagen. Сите чекори и сите стратегии во изминативе близу осум децении беа одредувани и спроведувани од претседателите на управниот одбор во Волфсбург. Ова се единаесетте шефови на концернот.

Хајнрих Нордхоф го крена Volkswagen од урнатините и постигна компанијата да стане еден од најуспешните производители на автомобили во Европа. Бубата и Були станаа симболи на германското економското чудо. Двата модели беа популарни и во САД. Нордхоф ја водеше компанијата од 1947 година до неговото починување во 1968 година.

Курт Лоц ја презеде службата на шеф на Volkswagen во 1968 година, по починувањето на Хајнрих Нордхоф. Тој беше негов заменик. По кавгата со директорот за човечки ресурси Петер Фрерк, тој си заминува од компанијата во септември 1971 година. Лоц подоцна ќе стане претседател на организацијата за заштита на животната средина WWF во Германија.

Рудолф Лајдинг уште во 1945 година почна да работи во Volkswagen. Тој стана претседател на управниот одбор во октомври 1971 година. Лајдинг го запре проектот EA 266, од којшто требаше да произлезе наследникот на Бубата. Во неговото време почна развојот и производството на бројни модели, што станаа основа за успехот на Volkswagen. Меѓу тие модели спаѓаат Passat (1973), Golf I (1974) и Polo (1975). Развојот чинеше многу пари и Volkswagen почна да бележи загуба. Лајдинг се повлече во почетокот на 1975 година. Плодовите од неговата работа станаа заслуга на наследникот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тони Шмикер ја започна својата кариера во Ford во Келн. По работењето за Рајнската Челичарница и Тисен, тој станува шеф на Volkswagen во февруари 1975 година. Компанијата во тоа време се наоѓа во криза. Со воведување строго штедење, Шмикер го врати Volkswagen во зоната на добивка. Компанијата профитираше од моделската офанзива, којашто ја започна неговиот претходник. Во јануари 1982 година, тој го предаде кормилото на Карл Хан.

Карл Хорст Хан уште во 1953 година работеше како асистент на тогашниот шеф на Volkswagen, Хајнрих Нордхоф. Како директор на Volkswagen во САД, тој придонесе за популарноста на Бубата и на Були. По неколку години на шефовското место во Continental, Хан во 1982 година се враќа во компанијата на местото на претседател на управниот одбор. Меѓу неговите далекусежни одлуки се вбројува преземањето на Seat и Skoda, како и почетокот на продажбата во Кина. Денес тоа е најголемиот и најважен единечен пазар за целиот концерн. По паѓањето на Берлинскиот ѕид и соединувањето на „двете Германии“, Хан се заложи за основањето на VW Sachsen GmbH.

New item by Automedia MK / Google Photos

Фердинанд Пиех, внук на Фери Порше, во почетокот работеше во семејна компанија. Подоцна, како шеф на Audi, тој беше заслужен за тоа што баварската марка прерасна во ривал на BMW и Mercedes, со иновации како алуминиумска каросерија, погон на сите тркала и мотор TDI. Кога Пиех стана шеф на Volkswagen во 1993 година, компанијата се наоѓаше во криза. Место за масивни отпуштања, Пиех се реши да соработува со работничките синдикати и заедно со директорот за човечки ресурси Петер Харц ја воведе четиридневната работна недела.

Фердинанд Пиех Фолксваген 2019
Фердинанд Пиех Фолксваген 2019

Откако воведе строга програма за штедење, заедно со Хозе Игнацио Лопез, поранешен менаџер на GM, негов следен чекор беше подигнување на квалитетот. Замислата на Пиех беше Volkswagen да го покрива целиот спектар на возила, од малечки автомобили до камиони. За време на неговата служба произлегоа врвни технички достигнувања, како еднолитарскиот автомобил XL1 или Bugatti Veyron со мотор со 16 цилиндри во W. Моделите Touareg и Phaeton му дадоа нов имиџ на VW.

Поскапите и попрестижни модели го вратија Volkswagen на линијата на успехот. Пиех и по неговата замена остана уште долги години во надзорниот одбор и беше доминантна фигура во Volkswagen. Тој меѓу другото имаше најголемо влијание за спојувањето на Volkswagen и Porsche. Дури по неколку години, тој по кавгата се повлече од компанијата и своите акции му ги продаде на братот. Пиех почина во август 2019 година.

Поранешниот шеф на BMW, Бернд Пишетсридер, во 2002 година го презеде претседавањето со управниот одбор од Фердинанд Пиех. Под притисок од Пиех, Пишетсритер мораше да се откаже од функцијата уште во 2006 година. Тој откажа голем број од проектите на својот претходник, а меѓу другото стави крај на безуспешниот Phaeton.

Мартин Винтеркорн по четири години на местото на шеф на Audi, во 2006 година ја презеде претседателската функција во Volkswagen. Тој долго време важеше како престолонаследник на Пиех и исто така беше опседнат со детали и со квалитет како него. Тие заеднички го доведоа Volkswagen до врвот на светот, кога Пиех во април 2015 година на големо изненадување најави дека е „на растојание“ со Винтеркорн. Тој се држеше изненадувачки добро во борбата на моќ и се повлече дури во септември 2015 година, поради скандалот со издувните гасови.

Победниците и домаќините на „Златен волан 2013“: седат, од лево на десно: Мартин Винтеркорн (Volkswagen), Петер Шрејер (Kia), Фриде Шпрингер (издавачка куќа Axel Springer AG), Норберт Рајтхофер (BMW), Дитер Цече (Daimler AG); стојат, од лево на десно: Бернд Виланд (Auto Bild), Џузепе Вита (Axel Springer AG), Ралф Шпет (Jaguar Land Rover), Руперт Штадлер (Audi), Марион Хорн (Bild am Sonntag), Матијас Депфнер (Axel Springer)

Матијас Милер беше шеф на Porsche, пред во септември 2015 година да стане претседател на местото на Мартин Винтеркорн, кој се повлече под одговорност за скандалот со издувните гасови. Милер не беше посебно одушевен со новата функција и повеќе сакаше да продолжи да шефува со Porsche, но „никој не ме прашуваше за тоа, немав друг избор“. Тој остана во служба до април 2018 година и направи неколку крупни промени во Volkswagen.

Херберт Дис ја презеде шефовската функција во април 2018 година, како радикален обновувач на концернот. Тој силно се заложи за електромобилноста и го забрза развојот на моделите ID.3 и ID.4. Со непријатното однесување, тој си направи мнгоу непријатели во концернот. Познати се неговите препирки со шефот на работничкиот совет Бернд Остерло, околу Пактот за иднината. Покрај тоа, Дис се расправаше со надзорниот одбор, што за малку ќе доведеше до негово отпуштање. Дојден од BMW, Дис не успеа да се помири со моќната улога на работниците во VW. Тој беше силно критикуван и за проблемите со софтверот во важните модели на концернот. Во август 2022 година, Дис беше заменет со шефот на Porsche, Оливер Блуме.

Оливер Блуме е на врвот на концернот Volkswagen од септември 2022 година, додека во исто време раководи и со Porsche. Неговата цел е да ја продолжи стратегијата со електричниот погон од својот претходник Дис, но со временски многу пореални планови и со многу посилен тимски дух. Покрај тоа, Блуме не се противи за соработката со надворешни компании при развојот на софтвер. Тој го откажа проектот Artemis на Audi и одреди подолг рок за Volkswagen Trinity. Новиот софтвер уште доцни во сите марки на концернот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Great Wall Motor произведе милион возила, секое петто за извоз

Автомобилскиот пазар не е пластичарска улица

ЕУ брои 567 автомобили и 83 товарни возила по илјада жители