за

Great Wall Motor произведе милион возила, секое петто за извоз

Кинескиот концерн Great Wall Motor, што го познаваме по СУВ-марката Haval, лани извезе 173.180 возила. Годинава ги очекуваме новите хибриди.

Кинескиот концерн Great Wall Motor, со своите марки Haval, Wey, Ora, GWM Pickup, во минатата година произведе 1.067.523 возила. Седма година во низа продукцијата надминува еден милион возила. Извозот забележа нов рекорд.

Од вкупно 1,07 милион произведени возила, концернот Great Wall Motor лани извезе 173.180 возила од Кина. Тоа е за 21,28% повеќе во споредба со 2021 година и претставува рекорд.

Зголемениот извоз се темели главно врз освојувањето нови пазари ширум светот, но заслуга има и воведувањето модели со хибриден и приклучен хибриден погон во понудата на СУВ-марката Haval, којашто го трасираше патот за извозот на останатите марки на GWM.

Моделите со електрифициран погон, почнувајќи од класичен хибрид, до целосно електричен погон, надминаа продукција од 600.000 возила. Haval лани го лансираше големиот СУВ-модел H6 во верзии со хибриден и приклучен хибриден погон, како и компактниот Jolion, којшто е достапен со хибриден погон.

Автомобилите на GWM со електромотор во погонот се извезуваат во Тајланд, Јужна Африка, Бразил, Австралија и други пазари. Само во Тајланд се испорачани над 13.000 возила со електрифициран погон. Верзијата со хибриден погон помогна Haval H6 да најпродаван СУВ-модел во компакт класата цели 15 месеци.

Марката Tank ја зголеми продажбата за 46,45 проценти, на повеќе од 120.000 возила. Тоа се престижни и способни теренски возила, слични со концептот на Jeep. Моделите на Tank се продаваат на Средниот Исток и во Австралија. Секако дека електрификацијата ги зафаќа и овие автомобили. Tank 300 се нуди во верзија со класичен хибриден погон, додека масивниот Tank 500 дополнително се нуди и во изведба со приклучен хибриден погон. На тестовите на безбедноста во Австралија, Tank 300 HEV освои пет ѕвезди, што е највисок резултат меѓу луксузните теренци.

Уште поубедливо се пробива марката пикапи. GWM Pickup продаде повеќе од 180.000 возила. GWM досега има продадено над 2 милиони примиероци од своите пикапи, вклучувајќи ја и моделската серија Steed, којашто веќе изгради име во тој сегмент на македонскиот пазар. Во Кина почна продажбата на силниот и луксузен модел POER Shanhai. Наскоро следат негови изведби со хибриден и приклучен хибриден погон.

Годинава престои поубедлив настап на марките Wey и Ora на европскиот пазар. Тоа се премиум марки што користат електрифициран погон и од коишто се очекува да се вклучат во електро-еуфоријата во Европа. GWM ORA е прогласен за „Најдобар градски електричен автомобил“ во Велика Британија, каде што купувачите традиционално немаат предрасуди кон новите марки.

Прекуокеански брод наскоро ќе доплови до Европа, со првите количини од WEY Coffee 01. Тоа се нарачани возила што веќе имаат свои сопственици. Пријатно изненадување беше тоа што конзорциумот Еуро НЦАП ги прогласи Ora Cat и Coffee 01 за најбезбедни автомобили во своите класи, од сите модели тестирани во минатата година.

За годинава се планирани повеќе од 10 нови модели со електрифициран погон од марките на Great Wall Motor, што ќе стартуваат со продажба ширум светот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes се рекламира како работодавец, кампања „станете дел од нас“

Сите шефови на Volkswagen од 1947 година до денес