за

Mercedes се рекламира како работодавец, кампања „станете дел од нас“

Големите компании не ги прави само името, туку луѓето што работат за компаниите да бидат големи. Mercedes-Benz внимава да биде место што ќе ги привлече најдобрите.

Рекламите на автомобилските компании секогаш се поврзуваат со нивните моделите, или во последно време, со услугите – освен кога станува збор за кампањата во којашто Mercedes-Benz се рекламира како работодавец. Компанија што го има најдобриот кадар е моќна компанија.

Под мотото „Becoming… One of Us”, во превод најблиску до „станете дел од нас“, Mercedes-Benz започнува нова кампања ширум светот, за на пазарот на трудот да се покаже дека е добар работодавец. Целта е компанијата да го прикаже својот став, дека успехот во голема мера зависи од тоа, дали вработените се чувствуваат исполнето при својата работа. Тоа може да се однесува на стручноста, на пионерскиот дух, на посебните спосовности. Во рамките на кампањата се одредува и јадрото на Mercedes-Benz во улога на работодавец, „Together for excellence“.

Само за работните места во Германија, лани се пријавиле повеќе од 160.000 кандидатки и кандидати. Сабине Колаизен, директорка за персонал и работа во Mercedes-Benz Group AG, вели дека „Mercedes-Benz не само што прави одлични автомобили, туку и ценет е како работодавец. На тоа укажуваме со нашата нова кампања на работодавец, во којашто ставаме нагласок на луѓето и на нивниот личен развој.“

New item by Automedia MK / Google Photos

Компанијата вложува многу за да понуди мотивирачка работна средина, почнувајќи од мобилна работа, преку флексибилно работно време, до атрактивен пакет мерки за наградување.

Во светски рамки за Mercedes-Benz работат 170.000 лица од близу 150 нации. Заеднички елемент што се забележува во сите 40 мотиви изработени за кампањата е небото. Тоа симболизира компанија што ги соединува сите индивидуи, независно од возраста, потеклото, полот, религијата или сексуалната ориентација.

Меѓу целите што ги има поставено Mercedes-Benz, до 2030 година треба 30 проценти од раководните позиции да им припаѓаат на квалификувани жени. На претседателско ниво, дамите денес се застапени со 37,5 проценти.

Важен дел од новата кампања е личното усовршување и постојаното учење, што е опфатено под офанзивата за квалификација Turn2Learn. Постои дури и можност, неколку седмици во годината да се работи од некоја друга држава во Европа.

Во најразлични програми за здравје и спречување болести, во 2022 година биле вложени 6,6 милиони евра.

Секако дека и вреднувањето на работата во Mercedes-Benz е повисоко, односно честопати е далеку над просекот за одредено работно место.

Самата кампања се состои од неколку различни медиуми, а главен е филмот во должина од 60 секунди, односно межу 10 и 15 секунди на друштвените мрежи. Повеќе од 40 мотиви се обраќаат на различни целни групи и работни подрачја. Сите информации се достапни и на обновениот вебсајт за кариера. Кампањата е изработена во соработка со агенцијата MDCT.

Пример за Mercedes-Benz како работодавец?

Славче Таневски лани одбележа десетгодишнина од својата работа за Mercedes-Benz како работодавец. Во таа деценија, македонскиот дизајнер со работно место во центарот за дизајн во Штутгарт, успеа да се докаже и да ги создаде дизајните на модели што се клучни за имиџот на марката, меѓу другото родстерот SL AMG или електричниот луксузен крстосувач EQS SUV. Двата модели наскоро ќе се појават и под знакот на Maybach.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota ја заврши 2022 година со рекорден удел на европскиот пазар

Great Wall Motor произведе милион возила, секое петто за извоз