Автомобилскиот свет, или поточно светот на мобилноста, во последниве години доживува револуционерни промени, не само поради масовното преоѓање на електричен погон, туку и поради менувањето на навиките во корист на заштитата на животната средина. Следи преглед на основните показатели на состојбите со автомобилите, доставните возила, камионите и автобусите во земјите од Унијата.
Во 2021 година, возниот парк од патнички автомобили во ЕУ пораснал за 1,2 процент во споредба со 2020 година и брои вкупно 250 милиони автомобили по патиштата. Со исклучок на Словенија, каде што возниот парк се намалил за 4,1%, сите држави во ЕУ ја зголемиле бројната состојба, при што најмногу се издвојува Словачка, со раст од 8,2 проценти.
Во ЕУ сообраќаат 29,5 милиони лесни товарни возила, односно комбиња. Половината од нив се наоѓаат во само три држави: Франција (6,3 милиони), Италија 4,3 милиони) и Шпанија (3,9 милиони).
На патиштата во ЕУ циркулираат повеќе од 6,4 милиони камиони од средна и тешка категорија, што е за 3,2 проценти повеќе во споредба со 2020 година. Со повеќе од 1,2 милион камиони, Полска располага со најголем возен парк од камиони.
Во превоз на патници служат 714.008 автобуси ширум Европската Унија. Повеќе од половината се во само три држави: Полска (126.547), Италија (100.199) и Франција (94.523).
Автомобилите во ЕУ во просек се стари 12 години. Грција и Естонија имаат најстар возен парк, во просек по 17 години. Најмлади автомобили има Луксембург, со просек од 7,6 години.
Просечната старост на доставните возила во ЕУ изнесува 12 години. Од четирите најголеми пазари во ЕУ, најстари комбиња има Италија (14 години), а по неа следи Шпанија (13,6 години).
Камионите во Унијата во просек се стари по 14,2 години. Со просечно 22,7 години, Грција има најстар возен парк, додека најнови камиони имаат Австрија (6,6 години) и Данска (7,5 години).
Просечната старост на автобусите во ЕУ изнесува 12,7 години. Со просек над 20 години, романските автобуси се најстари во Унијата. Осум држави во ЕУ имаат возен парк што е помлад од 10 години.
И покрај силното зголемување на продажбата во последните години, приклучните хибриди и батериските електрични автомобили сочинуваат само 1,5 процент од возниот парк во Унијата. Само три држави имаат учество на електричните автомобили од повеќе од 2 проценти.
Доставните возила со дизел мотор се доминантни во ЕУ, со удел од 91 процент. Само 0,6 процент од комбињата се движат на батерија.
Од камионите во ЕУ, дизел користат 96,4%, додека бензинците учествуваат со само половина процент. Незначителен 0,1 процент од возниот парк се камиони со нулта емисија.
Кај автобусите, уделот на дизелот изнесува 92,5 проценти. Само 1,3 процент се батериски електрични и 1,8 процент се приклучни хибриди. Сепак се издвојуваат неколку држави, Холандија со удел на електричните автобуси од 14,5 проценти и Луксембург со 7,8 проценти.
Европскат Унија брои 567 патнички автомобили и 83 товарни возила од сите категории по 1.000 жители.
Луксембург предводи во густината на автомобили во ЕУ, со 698 автомобили на илјада жители. Кипар предничи во бројот на товарни возила (135 на илјада жители). Наспроти тоа, најмалку возила има во Романија (396 по илјада жители). Литванија има најмалку товарни возила, 49 по илјада жители.
Во Летонија, близу 43% од домаќинствата не поседуваат сопствен автмобил. Наспроти тоа, дури 32% од француските фамилии имаат по два патнички автомобили.
Податоците за Бугарија отсуствуваат во статистиката.