за

Alfa Romeo во јуни ќе одбележи 100 години на Quadrifoglio

Миланската марка влече зад себе големо историско наследство. Годинава на Alfa Romeo ѝ престојат бројни јубилеи, меѓу другото и еден век на „Четирилисната детелина“.

Во музејот на Alfa Romeo секој месец има повод за одбележување историски настани и достигнувања на италијанската премиум марка. Quadrifoglio, Autodelta, Giulia Sprint GT, Џузепе Бусо, германско првенство со туристички автомобили, тоа се само некои од најзвучните имиња во чијашто чест ќе се одржуваат посебни настани во музејот во Арезе.

Пред четири години започна практиката, во музејот на Alfa Romeo во миланското предградие Арезе да се изложуваат историски модели во чест на нивните јубилеи и да се одржуваат т.н. конференции за посетителите. Годинава циклусот почнува уште во јануари, со ден посветен на суперспортското купе 8C Competizione. Поминаа 20 години откако моделот имаше премиера на салонот во Франкфурт.

Во февруари следи 40-годишнина на бестселерот Alfa 33, еден од најпродаваните модели на Alfa Romeo во историјата. Моделот имаше забележливо присуство и на македонските патишта, како ценета глетка и отмен модел во 1990-те години.

Напролет претстојат три теми што им се посебно важни на алфистите, односно како што миланската марка сака да каже, на „Alfa Romeo Tribe“. Тоа се 60-годишнина на Autodelta, легендарен тркачки тим од предградието Сетимо Миланезе, тим на Карло Кити, потоа 110 години од раѓањето на Џузепе Бусо и 30 годишнина на незаборавната Alfa 155, што ги собори сите рекорди во ДТМ, во германското првенство со туристички автомобили.

Во јуни, главниот настан му е посветен на името Quadrifoglio, на детелината со четири листови: Од Тарга Флорио во 1932 година, до денес, од тркачките патеки, до секојдневните патишта, спортскиот дух на Alfa Romeo годинава ги прославува своите сто години постоење.

Во јули, хроничарите на Alfa Romeo ќе се посветат на помалку познати теми, меѓу другото товарните возила со знакот на миланската марка, како и на производството во Бразил.

Во септември, Алфистите ќе прославуваат еден од најпознатите и највпечатливи гран-турери, Montreal.

Октомвриската епизода ќе ѝ биде посветена на соработката меѓу Alfa Romeo и дизајнерското студио Carrozzeria Zagato.

Во ноември престои уште еден голем јубилеј: 60 години на Giulia Sprint GT, предводникот на долга генерација легендарни модели на Alfa Romeo.

Годината ќе се заокружи со поглавјето кога производството во Alfa Romeo беше преселено од Портело на неколку привремени локации, поради Втората светска војна.

Сите овие настани ќе бидат почестени со присуство на поранешни вработени во марката, историчари, новинари, возачи, членови на клубовите на марката, како и специјалисти што се поканети да ги споделат своите искуства и сведоштва.

Од 2019 година до денес, на 44-те конференции во музејот присуствувале повеќе од 80 почесни гости. Во рамките на настаните биле претставени стотици автомобили, прототипи, предмети и архивски фотографии и филмови.

Конференциите се одржуваат во музејот на Alfa Romeo, во халата Giulia. Влезот е вклучен во цената на билетот за музејот. Некои од настаните ќе бидат придружени со автомобилски паради и изложби на интерната патека на музејот во Арезе.

Датумите и целосниот календар се објавени на www.museoalfaromeo.com

Видеата од претодните конференции може да се следат на јутјуб-каналот
@MuseoAlfaRomeoOfficial

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автомобилскиот пазар не е пластичарска улица

ЕУ брои 567 автомобили и 83 товарни возила по илјада жители

Hertz и Uber ќе пуштат 25.000 електрични автомобили во европските градови