Hertz и Uber ја продолжуваат во Европа својата успешна соработка започната во Северна Америка. Возачите на Uber во европските престолнини ќе добијат на располагање до 25.000 електрични возила, главно модели на Polestar и Tesla.
Hertz има намера преку партнерството да создаде еден од најголемите возни паркови од електрични автомобили за изнајмување во светот. Тоа се совпаѓа со мисијата на Uber, до 2030 година да стане водечка платформа во превозот на патници во Европа и Северна Америка, со возила со нулта емисија.
Соработката меѓу двете компании во Северна Америка веќе привлече илјадници возачи. Близу 50.000 возачи имаат изнајмено Tesla преку платформата на Uber. Тие досега имаат извозено преку 24 милиони тури со погон на струја и имаат поминато над 260 милиони милји (близу 420 милиони километри) без ниту грам емисија.
Проширувањето на партнерството во Европа ќе започне уште месецов, од европската база на Hertz во Лондон. Планот е услугата во текот на годината да стане достапна и во останатите европски престолнини, меѓу кои Париз и Амстердам.