за

Volkswagen очекува 2023 да донесе уште повеќе предизвици од 2022

Инфлацијата и влошувањето на економската ситуација ќе влијаат врз побарувачката за нови автомобили, цени финансискиот директор на Volkswagen, Арно Антлиц.

Директорот за финансии во Volkswagen Group очекува следната година да биде „уште попредизвикувачка“ од 2022, поради тоа што инфлацијата и влошувањето на економската ситуација ќе ја намалат побарувачката.

Антлиц во четвртокот зборуваше во интервју за тв-каналот Блумберг, дека Volkswagen треба да ги подобри продуктивноста и да ги скуси фиксните трошоци, затоа што производителот на автомобили не може целосно да препушти купувачите да плаќаат за големите поскапувања на суровините и на цените на енергијата.

Тој очекува индустријата да продолжи да расте, но тој раст ќе биде во едноцифрено подрачје: „Очекуваме мал раст во индустријата“ за 2023, изјави менаџерот.

Прозводителите на автомобили годинава се соочуваа со хроничен кусок од микрочипови и растечки влезни трошоци. За следната година се предвидува дека тесното грло во снабдувањето со микрочипови ќе почне да попушта, што ќе води кон зголемување на бројот на испорачани возила, иако побарувачката слабее.

Антлиц наведува дека книгите со нарачки на Volkswagen се полни и тоа ќе ја одржува продажбата во првата половина од следната година. Како што продажбата ќе расте, така производителот очекува дека ќе станува потешко, за трошоците што се зголемени поради повисоките влезни цени, да се пренесат во продажната цена на возилата.

Volkswagen исто така е под притисок да ја подзабави офанзивата со електрични автомобили, којашто трпи од внатрешни несогласици и од доцнењето со софтверот, поради што беше одложен почетокот на продажбата на неколку клучни модели на Audi и Porsche.

Извршниот директор Оливер Блуме преиспитува дел од стратегиите што ги постави неговиот претходник Херберт Дис, кој пушти проектите да се развиваат со амбициозна брзина, во обид да се фати чекор со Tesla во подрачјето на електромобилноста

Еден од најголемите предизвици е надминувањето на проблемите во единицата за развој на софтвер Cariad, чијшто пропусти беа причина за Volkswagen да го одложи клучниот проект за електрични автомобили Trinity за најмалку две години.

Од брзината со којашто сопствената единица за софтвер на VW, Cariad, ќе ги развива најразличните софтверски платформи, зависи кои електрични автомобили ќе може да се произведуваат во одредени фабрики. Тоа го кажуваат лица што се упатени во проблематиката.

Антлиц кажува дека Cariad уште е составен дел од стратегијата на VW. Тој додава дека еден од најпредизвикувачките финансиски предизвици за производителот на автомобили е сопствениот бизнис со батерии, каде што допрво треба многу да се вложува.

Одделението под името PowerCo ќе работи со шест фабрики само во Европа и тоа може да биде уште едно подрачје во коешто Volkswagen ќе бара финансирање однадвор

Исто како останатите производители на автомобили, вклучувајќи ги Tesla и Mercedes-Benz, VW се соочува со влошување на ситуацијата на пазарот во Кина, најголемиот пазар за електрични автомобили во светот.

Volkswagen во минатиот месец ги скуси продажните таргети за Кина за 14 проценти, Mercedes ги намали цените, додека Tesla го запре производството на својот Model Y во фабриката во Шангај.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Илон Маск заработи 775 милиони американски долари

Илон Маск продаде удел во Tesla вреден 3,6 милијарди долари

Секој петти автомобил по норвешките улици е електричен