Извршниот директор на Tesla продаде близу 22 милиони акции во вредност од 3,58 милијарди долари. Трансакциите се одвивале од 12-ти декември до 14-ти декември.
Вредноста на акциите на Tesla годинава паднаа за 55 проценти, поради загриженоста на инвеститорите откако Илон Маск го купи Twitter за 44 милијарди долари. Тоа е дополнителен фактор за несигурноста на инвеститорите, покрај нивната загриженост околу растот на каматните стапки, што предизвикуваат поскапување на автомобилите. Уште еден удар е падот во побарувачката за возилата на Tesla во Кина, најголем пазар за електричните автомобили на компанијата, по домашниот пазар во САД.
За време на викендот, Маск го нападна поранешниот извршен директор на Twitter и ги објавуваше своите теории на заговор, коишто ги вознемирија дури и неговите долгогодишни фанови.
Маск со месеци се обидуваше да се повлече од зделката за Twitter, но безуспешно. За да обезбеди доволно готовина за купувањето, тој продаде свои акции во Tesla во вредност од 15 милијарди долари – прво 8,5 милијарди во април, а потоа уште 6,9 милијарди во август.
Во ноември, откако објави дека завршил со продажбата, следеше уште една продажба на акции во вредност од 3,95 милијарди долари.
Милијардерот искористи голема сума позајмени пари, што сега се легнати на сметката на Twitter, за да се финансира купувањето. Долговите на друштвената мрежа се зголемија на околу 13 милијарди долари, од 1,7 милијарда долари пред купувањето, вклучувајќи и други видови обврзници што може да се претворат во акции.
Twitter сега треба да ги плати годишните камати коишто достигаат 1,2 милијарда долари. Таа сума може да се зголеми дополнително, ако се има предвид дека каматните стапни на околу половина од долгот се заклулени и ќе се зголемуваат согласно движењата на пазарот.
Според Блумберг, со последните продажби, уделот на Илон Маск во Tesla се намали на околу 13 проценти. Тој и натаму е најголем акционер во компанијата.