за

Volvo V90 и V60 Polestar се двојка на спротивности: Елеганција наспроти 367 КС

Две комби изведби пристигаат есенва во понудата на Volvo, елегантното комби V90 и моќната верзија на V60 со знакот на домашниот тјунер Polestar и 367 КС. На Швеѓаните одлично им успева спојот на практична комби каросерија и спортски возни својства уште од времето на легендарниот Volvo 850.

Моделите со комби-каросерија се неразделни од имиџот на Volvo и тоа се покажува со последното освежување во понудата на шведската марка. Есенва стартува продажбата на V90, како втор член во серијата модели од вишата класа на Volvo, покрај лимузината S90. Заедно со елегантното и луксузно комби, скроено во беспрекорниот манир на скандинавскиот дизајн, стартува вториот нов комби во понудата, којшто е чиста спротивност на V90.

Во верзијата развиена од сопствените специјалисти за моќ и брзина во одделението Polestar, V60 вози со 367 КС и потсеќа на времињата кога Volvo 850 им пркосеше на лимузините во британскиот шампионат со туристички возила. Со дволитарец со турбо и механички компресор, кои заедно „пумпаат“ вртежен момент од 470 њутнметри, V60 Polestar е најсилното комби од сериско производство во историјата на Volvo. Спринтот до сто трае 4,8 секунди, крајната брзина е ограничена на 250 километри на час.

Серијата 90 ја потврдува припадноста на шведската марка во премиум сегментот

Додека V90 им парира на Audi A6 Avant, Mercedes E-Class T и BMW 5-series Touring со раскошна опрема, релаксирачко возење и промислена функционалност, Volvo V90 Polestar дивее со најмоќниот погон во семејството Drive-E и на секој начин се грижи да извлече уште поголема динамика во возењето. Погонот на сите тркала во повеќето ситуации во возењето распределува поголем вртежен момент кон задната оска, заради зголемување на агилноста во свијоци. Во модусот Sport+ се активира полниот спортски капацитет на V60 Polestar, а на тоа се надоврзуваат и амортизери од специјалистот Öhlins со можност за дотерување, како и ефикасни сопирачки од Brembo.

За ноември, Volvo ја подготвува и верзијата R-Design за луксузниот V90, со препознатливите стилски детали за каросеријата и за внатрешноста, со нагласена спортска нота. Веќе се познати и цените за V90 за македонскиот пазар. Ми-Да Моторс ја стартува понудата во гамата на V90 со бензинската верзија T5 со 254 КС и цена од 65.611 евра и дизел верзијата D4 со 190 КС и цена од 68.998 евра. Над нив следи T6 со 320 КС и 76.940 евра, односно D5 со 235 КС и 74.959, обата модела стандардно со погон на сите тркала.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На батерии до 250 километри на час: GLM G4 е јапонската Tesla

Изнајмување зимски пневматици место купување?