за

Volvo ќе го произведе последниот дизел автомобил во почетокот на 2024

Шведски Volvo планира по 2030 година да продава исклучиво целосно електрични автомобили и десет години по тоа да стане климатски неутрална компанија.

Volvo следи еден од најамбициозните планови меѓу традиционалните производители на автомобили, за преоѓање на електричен погон, и сега излегува со уште една храбра најава во таа насока. Последниот автомобил на Volvo со дизел мотор ќе излезе од фабриките уште во почетокот на 2024 година.

Денес во рамките на Неделата на Климата во Њујорк, Volvo го најави завршетокот со производство на автомобили со дизел мотор, рано во почетокот на следната година. По само неколку месеци, Volvo ќе го произведе последниот автомобил со дизел мотор и со тоа ќе стане еден од првите производители на автомобили со долга традиција и важно пазарно присуство, што го презема овој чекор.

„Повеќе нема да потрошиме ниту една круна од нашиот буџет за истражување и развој, во нови мотори со внатрешно согорување“

Volvo во минатата година донесе одлука повеќе да не се развиваат нови мотори со внатрешно согорување. Во ноември 2022 година, шведскиот производител го продаде својот удел во Aurobay. Тоа е компанија во којашто беа префрлени сите преостанати постројки за производство на мотори со внатрешно согорување на Volvo. Оттаму порачуваат дека „повеќе нема да потрошиме ниту една круна од нашиот буџет за истражување и развој, во нови мотори со внатрешно согорување.“

„Електричните погонски спреги се нашата иднина и тие се супериорни над моторите со внатрешно согорување: Tие создаваат помалку бучава, помалку вибрации, сервисирањето помалку ги чини нашите клиенти и нема емисија на штетни материи,“ јасно порачува Џим Роуен, извршен директор во Volvo Cars. „Ние сме целосно посветени во создавањето широка понуда од премиум, целосно електрични автомобили, што го нудат сето тоа што нашите клиенти го бараат од Volvo – и дел се од нашата одговорност за климатските промени.“

Потребно е да се реагира итно

Неодамнешниот извештај на Обединетите Нации ја нагласи итноста од постапување против климатските промени коишто се закана за човештвото. „Тоа што на светот му е потребно сега, во ова решавачко време за нашата планета и за човештвото, тоа е лидерство,“ порача Џим Роуен. „Крајно време е индустријата и политичките лидери да бидат силни и решителни, спроведувајќи соодветни закони и акции за борба против климатските промени. Имаме обврска да го исполниме нашиот дел и да ги охрабриме нашите соперници, исто како и политичките лидери, за и тие да го исполнат својот дел.“

Светот се менува брзо, и автомобилите заедно со него

До пред четири години, автомобилите со дизел мотор беа суштината на продажбата на Volvo на европскиот пазар. Истото важи и за сите останати производители. Главнината од автомобилите што се продадоа во 2019 година, задвижувани се од дизел мотор. Електричните автомобили тогаш уште беа во своите почетоци.

Сега е сосем сменета сликата. Главната продажба на Volvo отпаѓа на целосно електрични и приклучни хибридни модели.

Дизелите и натаму се проблем. Нивната емисија на СО2 навистина е пониска во споредба со мотор што користи бензин, меѓутоа опасна е нивната висока емисија на азотни оксиди, коишто имаат штетно влијание врз чистотата на воздухот, особено во населените подрачја.

PM-честичките што одамна се надминати во европските држави, уште се нерешен проблем, не само во Македонија, туку во сите балкански држави, што во изминатите години масовно ги увезуваа евтините и стари луксузни автомобили со големи дизел мотори – и кобна емисија на PM-честички. Азотните оксиди, пак, уште не се „признаени“ како опасност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тема Кина: Шефот на Mercedes се залага за отворен пазар, порачува производителите сами да се изборат

VW Tiguan: Третата генерација со премиера во фабричка хала