за

Тема Кина: Шефот на Mercedes се залага за отворен пазар, порачува производителите сами да се изборат

Додека растат тензиите со Кина, извршниот директор на Mercedes-Benz Group, Ола Келениус, бара пазарите да останат отворени.

Ола Келениус: „Тоа би била целосна заблуда, да се верува дека можеме автомобилскиот свет да го поделиме на посебни региони што немаат никаква меѓусебна поврзаност.“

Шефот на Mercedes-Benz Group смета дека мерките за одвојување од Кина претставуваат опасност за здравата конкуренција и за глобалните синџири за набавка во автомобилската индустрија.

„Отворените пазари се тоа што го движи растот и тоа што го движи создавањето добра,“ кажа извршниот директор на Mercedes, Ола Келениус, во интервју за телевизијата Блумберг во Њујорк.

„Да оставиме пазарите да бидат отворени и да ги пуштиме учесниците во пазарот сами да се изборат.“

Европската Унија во минатата седмица отпочна со истрага за субвенциите што Кина им ги исплаќа на домашните производители на електрични автомобили, нагласувајќи ја растечката конкуренција во индустријата и во геополитиката меѓу двете економски сили.

Во интервју за Блумберг во неделата, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок кажа дека ЕУ мора да ја смали својата зависност од Кина, додавајќи дека ја подржува истрагата.

Европската истрага, што ќе трае околу девет месеци, на крајот може да доведе до воведување казнени царини за кинеските возила. Тоа предизвика силно негодување во Пекинг, од каде што потегот го оценија како еклатантен чин на протекционизам. Постои загриженост дека ќе се воведат и други пречки за тргувањето.

„Во пандемијата научивме дека синџирите за набавки може да бидат многу кршливи,“ кажа Келениус, додавајќи дека во возилата на Mercedes се користат компоненти од сите пет континенти.

Исто како што е случај со Volkswagen Group и BMW, Кина е најважниот единечен пазар за Mercedes-Benz, којшто учествува со околу една третина во вкупната продажба на групацијата.

Купувачите во најголемиот автомобилски пазар во светот сé повеќе се решаваат за домашните марки, како што се BYD и Nio, избирајќи ги нивните електрични модели поради тоа што повеќе излегуваат во пресрет на локалните вкусови.

Германскиот производител има цел, по завршетокот на деценијава да продава исклучиво електрични автомобили каде што тоа е можно и планира со партнерите да изгради осум фабрики за батерии.

Под шефовството на Келениус, Mercedes при искористувањето на ресурсите става нагласок на своите најскапи и најпрестижни модели, вклучувајќи ги моделите на Maybach, луксузните модели со спортски перформанси од Mercedes-AMG, како и теренската икона G-Class. Во исто време, Штутгарт го намалува бројот на модели во основата од понудата, каква што е на пример компактната комбилимузина A-Class.

Келениус вели дека не очекува „голем удар“ врз синџирот на набавки на Mercedes од штрајкот на работниците на United Auto Workers против големата американска тројка Ford, General Motors и Chrysler. Тој вели дека германската компанија при исплатата на работниците секогаш компензира во согласност со напредувањето на економијата.

„Се трудиме да ја обезбедиме нашата конкурентност и да осигураме дека сме привлечни како работодавци,“ кажа шефот. „Каков било притисок да се врши врз трошоците, ние ќе го надминеме истиот преку продуктивноста.“

Запрашан дали производителите на автомобили треба да дадат гаранции дека постоечките работници ќе го задржат работното место, додека индустријата преоѓа на производство на електрични вопзила, Келениус кажа дека бројот на работници што му е потребен на Mercedes за монтажа на возилата не се менува, меѓутоа е помал бројот на работници што ќе бидат потребни за производство на моторите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Четвртина милион примероци од Kia Picanto возат во Обединетото Кралство

Volvo ќе го произведе последниот дизел автомобил во почетокот на 2024