за

Четвртина милион примероци од Kia Picanto возат во Обединетото Кралство

Откако стартуваше продажбата во мај 2004 година, досега во ОК се продадени повеќе од 250.000 примероци од Picanto, најмалиот модел на Kia.

Низ сите генерации досега, Kia Picanto ужива одлична прифатеност на британскиот пазар, којашто сигурно не се темели само врз податокот што станува збор за еден од воопшто најдостапните автомобили на пазарот.

Актуелната генерација на Kia Picanto, иако е со висока спецификација и далеку е од едноставен и евтин автомобил, со цената од 13.665 фунти (околу 15.850 евра) е моментно најдостапниот модел на британскиот пазар. Тоа што купувачите го препознаваат во малечкиот автомобил на Kia, се дизајнот, примерната опременост, но секако и 7-годишната гаранција на марката.

Првата генерација на Kia Picanto започна да се продава на британскиот пазар кон завршетокот на мај 2004 година. Тогаш се прославуваше 60-годишнина од основањето на јужнокорејскиот производител. Моделот се издвојуваше со една од најпросторните кабини во класата, со богата опременост според стандардите на класата, со добра изработка и со мотори што секогаш имаа некоја технологија плус над просекот. Петте врати беа обележје на првиот Picanto.

Со генерацијата на „Сексот и градот и Пријатели“ како целна група, Picanto беше замислен како автомобил за млади и за парови во доцните дваесетти, како и за сите што бараат добар градски автомобил за секојдневието.

Првото моделско освежување се случи во 2007 година, со нови предни и задни светла, нов браник и нова маска. Оваа моделска генерација остана во продажба до 2011 година, по близу 85.000 продадени примероци во Обединетото Кралство. Моделот беше посебно интересен за купувачите што ја користеа субвенцијата во 2009 година, за својот стар автомобил да го заменат со нов. На тој начин, широк круг купувачи првпат се решија за модел од Kia.

Втората генерација го искористи добриот глас на претходничката

Kia ја претстави втората генерација на Picanto на салонот во Женева во 2011 година. Место со „сладок“ дизајн, новиот модел се одликуваше со многу позрела појава и со „тигарскиот нос“, со којшто марката го привлекуваше вниманието на сцената во тоа време.

Под хаубата работеше нова генерација мотори Kappa, конструирана првенствено за штедливост и чиста емисија. Опременоста и изработката повторно напредуваа, а беше воведена и каросериска изведба со три врати. Британските медиуми често го одликуваа моделот, поради цената, штедливите мотори, но и доброто чувство во возење.

Во април 2015 година следеше освежување, со уште побогата опрема и со невообичаено широка понуда од моделски изведби, дури единаесет. Втората генерација се продаде во земјата во 82.407 примероци, значи слично со претходничката.

Третата генерација го презеде водството

Во времето кога на британскиот пазар пристигна третото колено од моделот, Kia веќе имаше изградено имиџ на еден од главните играчи на пазарот. Стартувајќи во 2017 година, Picanto повторно напредуваше во дизајнот, со големи примени во кабината.

Првпат во понудата се најде изведбата GT-Line, со спортски издув, нагласени браници, агресивна предна маска и спортски каросериски додатоци. Со еднолитарски турбо бензинец со 100 КС и шестстепен менувач, Picanto веднаш стана миленичка на британските возачи коишто традиционално имаат слабост кон малечки и брзи модели.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Со оваа генерација, Kia Picanto со продажбата се издвои од конкурентите и прерасна во прв избор во класата. Во 2020 година беше извршено мало моделско освежување.

Успехот остана постојан низ сите генерации. Од Picanto III се продадени 84.762 приемроци досега. Сите генерации заедно, прават импресивна бројка од 251.104 возила, за мошне кус период.

Picanto во тековната генерација се продава само на генерално позрелите пазари, каде што малечките автомобили постигнуваат висока продажба и се ценети главно поради предностите што ги имаат со своите компактни димензии, место тоа да се гледа како „недостаток“. Во третата генерација посебно се издвојува своевидниот премиум карактер на Picanto во класата, па затоа и главнината од продажбата отпаѓа на моделите со највисоките нивоа на опременост.

Видеото од тестот на Kia Rio, модел што повеќе нема да биде достапен во гамата на Kia и местото на почетен модел ќе го презеде кросоверот Stonic

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Webasto производство батерии

ЕУ може да стане зависна од батериите од Кина исто како со гасот од Русија

Тема Кина: Шефот на Mercedes се залага за отворен пазар, порачува производителите сами да се изборат