за

VW Tiguan: Третата генерација со премиера во фабричка хала

Не на голем салон на автомобили и не во скапо платена арена, туку директно во фабриката во којашто се произведува. Толку му е важен новиот Tiguan на Volkswagen.

Tiguan и помалиот T-Roc во моментов се клучни модели за продажбата на Volkswagen. Годинава T-Roc е тој што на моменти избиваше на врвот на најпродаваните модели на европскиот пазар, место што долго му припаѓаше на Golf. Меѓутоа, за бизнисот на Волфсбург да биде вистински рентабилен, решава продажбата на поскапиот и позрел Tiguan. Стартува третата генерација на компактниот СУВ, во многу чувствителни времиња за Volkswagen.

Повеќе од 7,6 милиони примероци се продадени досега од двете генерации на Volkswagen Tiguan, којшто се придружи во гамата на Волфсбург во 2007 година. Тоа во основа значи дека при секое возење, човек ќе се размине по улица најмалку со еден Tiguan.

Компактниот СУВ со класичен погон – со хибриден погн, исто така – дополнително е „загрозен“ и од електричниот ID.4. Затоа Волфсбург инвестираше многу во овој модел. Не е време за експерименти.

Платформата на новиот Tiguan е позната од новиот Passat, којшто имаше премиера неодамна. Тоа значи дека со преоѓањето на платформата MQB evo, се овозможи новите технологии од Passat да се користат и во Tiguan.

Носот во новата генерација изгледа повеќе заоблен. Во сите моделски изведби се вградуваат диодни светла со леќа, а со доплата може да се добијат и матрични диодни светла. Класична маска нема, таа повеќе служи за украс, отколку за обезбедување воздух за ладење. За таа функција служат масивните отвори за воздух долу во браникот. Овој зафат е направен првенствено во корист на аеродинамичноста: Ефектот од тоа е кофициент на отпор на воздухот 0,295.

Со 4,54 метри, новакот е за три сантиметри подолг од претходникот, додека со 1,64 метар е за сантиметар и пол понизок. Во меѓуоскиното растојание и ширината практично нема промени.

Багажникот нуди на располагање простор со зафатнина од 652 литри (615 литри претходно). При соборена задна клупа, Tiguan нуди простор од 1.650 литри што е за пет литри помалку во споредба со моделот во заминување.

Батеријата кај хибридните модели одзема простор од багажникот и го скусува на 490 литри, односно на 1.468 литри. Купувачите на моделот со електромотор во погонот повеќе не мора да се откажуваат од сабвуфер. Кај новиот модел, тој е во форма на L и се наоѓа во подот на багажникот.

Внатрешноста силно потсеќа на новиот Passat

Не е за чудење тоа што внатрешноста на Tiguan покажува големи сличности со новата генерација на Passat. Двата модели сепак користат иста платформа и иста техника. Воланот е со класични копчиња, место со сензорски полиња, а лизгачите за климата и за радиото под средишниот дисплеј од 12,9 инчи (опција 15 инчи) се осветлени.

Во средишната конзола се наоѓа вртлив регулатор, којшто може да се користи за местење на силината на радиото, за избор на режимот на возење и за т.н. атмосфери, односно за неколкуте сценарија на нагодување на светлината и звуците. Двата безжични полначи за мобилен телефон располагаат со сопствено ладење.

Новата платформа со порационално искористување на просторот обезбеди и повеќе место за патниците во кабината во споредба со претходникот – и покрај тоа што висината е намалена за 1,5 сантиметар.

Опција се седишта со масажна функција – исто како кај Passat, достапни во две изведби, едната со три, втората со десет комори. Стакла со звучна изолација и зафати за потиснување на звуците во сите можни подрачја се грижат за возењето да биде потивко. Луксуз оддаваат украсните елементи во кокпитот, со заднинско осветлување.

Заедно со новата платформа следи и нов инфо-забавен систем MIB 4, вклучувајќи нов систем за говорни команди, конфигурирање на појдовниот екран и копчиња за брз пристап до саканите функции во горниот дел од дисплејот.

Новина на којашто ќе мораат да се привикнат возачките и возачите е преместувањето на бирачот за возење. Место вообичаено во средишната конзола, вртливиот бирач (како во ID.4) сега се наоѓа десно зад воланот, додека ракувањето со бришачите е преселено во рачката за трепкачите.

Палетата на мотори досега од 130 до 272 КС

Широката понуда од погонски варијанти останува обележје и во новата генерација на Tiguan. На располагање стојат две варијанти со приклучен хибриден погон. Едната располага со системска моќност од 204 КС, посилната доаѓа до 272 КС. Во двата случаи, основа е 1,5-литарски TSI, со моќност од 150 или 177 КС. Електромоторот е ист, со моќност од 85 kW.

Батеријата со капацитет од 19,7 kWh може да испорачува енергија, за Tiguan чисто на струја да извози до 100 километри. Важна новина е тоа што може да се користи брз полнач со еднонасочна струја и моќност до 50 kW. На тој начин значително се скусува полнењето и тоа ќе охрабри многумина возачи за навистина да го користат електричниот досег во секојдневието. Со полн резервоар и полна батерија, може да се смета на 1.000 километри до првото следно полнење.

Благ хибриден погон исто така се нуди во две варијанти: 1.5 eTSI со моќност од 130 или 150 КС. Послабата варијанта е воедно и основниот модел во гамата на новиот Tiguan. Големите бензинци со зафатнина од два литри постигнуваат 204, односно 265 КС и доаѓаат во комбинација со погон на сите тркала.

Традиционален избор кај Tiguan се дизелите: На располагање стојат две варијанти на 2.0 TDI, едната со 150 КС, втората со 193 КС и погон на сите тркала. Во најдобриот случај, Tiguan може да влече приколка до 2,3 тони.

Сите погонски варијанти доаѓаат со менувач со двојна спојка. За најсилните изведби може да се нарача подвозје DCC-Pro, коешто нуди широк распон меѓу комфорна работа и спортско возење.

Верзијата Tiguan Allspace со седум седишта останува во понуда до 2025 година, кога моделот ќе биде заменет со новиот Tayron.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo ќе го произведе последниот дизел автомобил во почетокот на 2024

Fiat Topolino во Италија се нарачува онлајн, доставата дома