Volvo и Northvolt ја започнаа изградбата на својата заедничка гигафабрика во близина на Гетеборг, Шведска.
Заедничката компанија што е именувана Novo Energy, се планира да започне со производство на батерии кон завршетокот на 2026 година. Фабриката во почетокот ќе располага со површина од 130.000 метри квадратни (13 хектари). Во близина се наоѓа најголемата фабрика за монтажа на возила на Volvo во Торсланда.
По завршетокот на изградбата, фабриката ќе произведува батерии за околу 500.000 автомобили годишно, односно ќе располага со капацитет за производство на 50 гигаватчасови батерии годишно.
Со компанијата Novo Energy раководи Адријан Кларк, којшто се придружи во заедничката компанија во почетокот на 2022 година, по близу осум години поминати во Tesla.
Неговото последно работно место кај американскиот производител на електрични возила беше директор за инженеринг, набавка и изградба на гигафабриката на Tesla во близина на Берлин. Кларк раководеше со проектирањето на фабриката од октомври 2020 до декември 2021 година.
Volvo планира по 2030 година да произведува само целосно електрични автомобили, со тоа што веќе во 2025 година, половина од планираната продажба во светски рамки ќе отпаѓа на целосно електрични автомобили.
Northvolt има обезбедено нарачки во вредност од преку 55 милијарди долари, за снабдување со батерии за електрични возила на Volvo, BMW и Volkswagen. Компанијата во моментов поседува неколку фабрики ширум Европа. Во производствениот синџир ќе се придружи и фабриката што ќе се гради во Германија, каде што се вложуваат 600 милиони евра.
Еколошката дозвола и градежната дозвола за првата фаза од фабриката беа издадени летоска, пишува во соопштението од бизнис регионот Гетеборг.
„Гигафабриката на Novo Energy ќе биде пресвртница во зелената транзиција. Таа комбинира сé – важна технологија, модерна индустрија и илјадници работни места во одлични услови. Тоа прави Гетеборг да биде подобар,“ напиша градоначалникот на Гетеборг, Јонас Атениус.
Во дејностите на Novo Energy спаѓа и центарот за истражување и развој во Линдхолмен, Шведска. Инженерите таму работат на развој на нова генерација батерии за Volvo и за сестринската марка Polestar.
Како процесна вода за ладење ќе се користи пречистена отпадна вода. Два големи цевководи, со пречник од еден метар, се поставуваат заради транспорт на вода од регионалната фабрика за отпадна вода до гигафабриката и назад, во должина од 6 километри.
Goteborg Energi и Vattenfall градат електроцентрала на север од фабриката, за таа да се приклучи на регионалната 130-киловолтна дистрибутивна мрежа.
Покрај тоа, Градот Гетеборг и регионот Вастра Готаланд, ќе вложат 45 милиони круни (околу 3,9 милиони евра) за организирање центар за обука за електромобилност и производство на батерии во Линдхолмен. Центарот е планирано да се отвори во следната есен.