за

Volkswagen ID.7: Зошто комфорните седишта се толку важни во електромобилите?

Volkswagen за почетокот на продажбата на ID.7 ги нагласува премиум седиштата ergoActive од новата генерација, со масажа и климатизација.

Повеќе производители посебно ги рекламираат комфорните седишта во своите електрични автомобили. Volkswagen пред кусо време стартуваше со продажба на „електричниот Пасат“ и посочува на новите ergoActive седишта во техно-лимузината. Има причина зошто во електричните автомобили е важно да се седи удобно.

Во предвид доаѓаат две сценарија, зошто производителите ставаат толку нагласок на комфорот и напредните својства на седиштата во своите автомобили на струја. Првото сценарио: Тивката звучна кулиса при возењето, општата релаксираност што ја произведува е-погонот, бара и седишта што ќе се издвојуваат со комфорот во возењето.

Второто и многу поверојатно сценарио, коешто и вистински „пали“ кај купувачите: Кога треба половина час (или малку повеќе) да се помине на полнач, а на станицата нема на располагање кафуле или човек не е расположен за социјализирање, тогаш и тоа колку е важно седиштата да бидат како домашната фотелја во тие половина час или повеќе. Значи, новата генерација седишта на Volkswagen нуди исклучителен комфор.

Volkswagen ID.7 е бизнис лимузина и општо е автомобил со којшто луѓето сакаат да патуваат подалеку. Тоа значи и дека досегот од 700 километри во одредени случаи нема да биде доволен, па потребно ќе биде да се дополни батеријата.

Волфсбург како опција во ID.7 ги нуди новите седишта. VW вели дека тоа се премиум седишта, со печат од германските ортопеди (AGR). Покрај комфор, седиштата нудат и неколку програми за масажа. На тоа се надоврзува автоматска климатизација и иновативна функција за активирање одредени мускули на ‘рбетот и грбот.

Германските ортопеди навистина беа „вмешани“ во развојот на новите седишта на VW, заедно со физиотрапевти и специјалисти по спортска медицина. Посебна гордост се десетте воздушни перници во потпирачот за грб со коишто се врши масажа и двете воздушни перници во седечката површина. Овие перници ја менуваат висината, масираат, опуштаат и спречуваат вкочанетост.

ID.7 со новите предни седишта поставува мерила во средната класа. Меѓу посебните функции се вбројува и пневматска масажа со притисок. За тоа се задолжени две низи со по пет воздушни перници. Може да се изберат различни програми во времетраење од десет до 30 минути. Електрично местење на седиштата во 12 насоки се подразбира, исто како и продолжувањето на седечката површина. Има и меморија.

Излегување од возилото со кошула залепена за грбот е минато. За тоа да не се случи во ID.7, се грижи динамична климатизација на седиштата, со посебно регулирање за потпирачот за грб и за седечката површина. Може да се постави сопствена програма или да се избира меѓу три однапред поставени програми на „Smart Climates“.

Овие спектакуларни седишта се дел од пакетот „Plus“. Дополнителната опрема во ID.7 е организирана во големи пакети, скроени зависно од барањата и потребите. Пакетот во Германија чини 4.450 евра, но во него се вклучени и аудио систем Harman Kardon со 14 аудиофилски звучници и амбиентално осветлување во 30 бои.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-AMG GLC Coupé со електрично турбо, хибрид и 680 КС

Volvo и Northvolt поставија темелник за гигафабриката во Гетеборг