Во вообичаениот манир, Mercedes-Benz прв ги претставува новите моделски генерации, кусо потоа следи AMG. Така бидна и со новата генерација на GLC Coupe, којашто сега ја добива круната со двете варијанти од спортската марка од Афалтербах, од AMG.
Хибридната технологија што брзата марка на Mercedes-Benz Cars ја нарекува AMG E PERFORMANCE отсега работи и во најсилните купе-СУВ изведби на GLC. Погонската спрега во GLC 63 S E PERFORMANCE Coupé ја сочинува 2,0-литарски бензинец со електричен турбо-полнач, електромотор со 204 КС и батерија, сé заедно со системска моќност од 680 КС.
Како влез во гамата на AMG во моделското семејство на GLC Coupe се претсавува GLC 43 4MATIC Coupé со 421 КС, каде што електрификацијата опфаќа стартер-генератор со 14 КС.
Стандарната опременост опфаќа управувана задна оска, погон на сите тркала, менувач со двојна спојка AMG SPEEDSHIFT MCT 9G со влажна спојка за поаѓање, како и подвозје AMG RIDE CONTROL, со амортизери со променлива работа.
Спортската силуета со мазен преод кон опашот е чоколадната страна на GLC Coupe. Предните светла преоѓаат директно во маската во стил на AMG и ја нагласуваат ширината на каросеријата. Динамиката внесува предниот браник со дизајн Jet-Wing, со големи отвори за воздух, вертикални перки и хоризонтални ламели.
Арките на крилата се лакирани во боја на каросеријата, за разлика од праговите, коишто се во сјајна црна боја и ја издолжуваат линијата на каросеријата. Под крилата собира тркала до 21 инч. Како опција може да се нарачаат нагазници.
Дводелните задни светла додаваат во ширина, заедно со црно лакираниот панел меѓу нив. Појавата ја заокружува задниот браник во стил на AMG, со стилизиран дифузор (кај GLC 43), односно со дополнителна дифузорска основа (кај GLC 63 S), со двојни издувни цевни (тркалезни кај GLC 43, трапезовидни кај GLC 63 S).
Елементи во препознатливиот стил на AMG внесуваат спортска нота во внатрешноста
Седиштата AMG со комбинација од вештачка кожа ARTICO и микрофибер MICROCUT AMG ја разликуваат спортската изведба од стандардните модели. Опција е напа-кожа, заедно со грбот на AMG втиснат во потпирачите за глава.
Стандард е волан AMG Performance обложен со напа кожа (и микрофибер во GLC 63 S). Воланот е зарамнет долу, перфориран е во подрачјето за држење и има сребрени рачки за менување степени назад. Преку двата тркалезни AMG прекинувачи на воланот се пристапува до функциите за возната динамика и до режимите за возење на AMG DYNAMIC SELECT. Спортски педали, AMG патосници и осветлени прагови со натпис AMG ја заокружуваат атмосферата.
Инфо-забавниот систем MBUX има низа функции што се посебни за AMG, вклучувајќи и AMG TRACK PACE (стандард во GLC 63 S, опција за GLC 43). Тоа е систем што ги бележи сите податоци кога ќе се излезе на тркачка патека – десетпати во секунда се отчитуваат повече од 80 податоци, од брзина, до агол на завртување на тркалата.
Дволитарски мотор AMG со електричен турбо-полнач
Во двата модели работи дволитарски мотор AMG, што целосно е развиен во Афалтербах и исто така го следи принципот на „One Man, One Engine“. Моторот со ознака M139l (l за „Längseinbau“, надолжно вградување) е уникатен: Тоа е единствен сериски мотор што користи електричен турбо-полнач, што се напојува преку посебна 48-волтна мрежа, и исто така содржи и стартер-генеретор, што со коленастото вратило е поврзан преку ремен.
Станува збор за технологија што тимот на Mercedes-AMG Petronas во формула 1 ја применува веќе со години.
Разликата меѓу GLC 43 и посилниот GLC 63 S е во тоа што турбо-полначот кај вториов е значително поголем и со тоа произведува повисок притисок. Уште една важна разлика: Кај „63“ работи и електромотор во 400-волтен високонапонски систем.
E PERFORMANCE со системски 680 КС и вртежен момент од преку 1 kNm
Моторот M139l во изведбата GLC 63 S E PERFORMANCE Coupé постигнува 476 КС при 6.725/min. Тоа е најсилниот четирицилиндарски мотор од сериско производство. Вртежниот момент достигнува 545 Nm меѓу 5.250 и 5.500/min. Дволитарецот работи во комбинација со електромотор, баерија развиена во Афалтербах и целосно варијабилен погон на сите тркала AMG Performance 4MATIC+.
Спринтот до темпо сто трае 3,5 секунди, двотонскиот СУВ престанува да забрзува на 275 km/h.
View this post on Instagram
Електромоторот со 150 kW (204 КС) е вграден на задната оска, заедно со двостепен менувач со електрична команда, како и електронски контролирана блокада на диференцијалот на задната оска. Батеријата исто така е вградена над задната оска.
Вообичаено за марките на Mercedes-Benz, моделската серија во почетокот ќе биде достапна во ексклузивната серија Edition 1, со ексклузивна опрема и со посебни детали во изгледот.