Германија: Само еден ден субвенции за соларна струја за електрични автомобили

По навалата за новата програма со којашто Германија го субвенционира полнењето на електричните автомобили со соларна струја, предвидените средства се потрошија уште во првиот ден.

Еден ден траеше поднесувањето барања за субвенционирање на соларни полначи за електрични автомобили за германските жители. Средствата се потрошија, нови барања не се прифаќаат. Според првичните податоци од државната банка за инвестиции и развој KfW, одобрени се околу 33.000 барања.

Сојузното министерство за сообраќај за годинава обезбеди 300 милиони евра. Барателите сега имаат на располагање период од две години, да ги реализираат своите проекти за соларни полначи за електрични автомобили. Доколку бидат исполнети сите критериуми на програмата, следи исплата на средствата.

Огромната побарувачка во вторникот на повеќепати предизвикуваше застој на вебсајтот за клиенти на франкфуртската банка KfW. За субвенционирањето стојат на располагање вкупно 500 милиони евра. Важи „принципот на ‘рт“, познат и како „прв дојден, прв услужен“. Барањата се примаат сé додека има средства во касата.

Волуменот за годинава изнесува 300 милиони евра, но в година ќе се додадат уште 200 милиони. Доколку се обезбедат и дополнителни средства, KfW ќе испрати известување по е-пошта.

Субвенции во висина до 10.200 евра

Според службата за јавност на KfW, во сличните програми во минатото не се исплаќале сите субвенции, за коишто што било поднесено барање. „Во некои случаи, барателите се откажале. Постојат и случаи кога не биле исполнети критериумите на програмата.“ Неисплатените средства биле вратени во Министерството.

Субвенцијата се однесува за купување и поставување станица за полнење за електрични автомобили, во комбинација со фотоволтаички панели и акумулатор за соларна струја. Во рамките на програмата „Соларна струја за електрични автомобили“, се одобрува субвенција во висина до 10.200 евра, за сопственички и сопственици на живеалишта, кои поседуваат електричен автомобил или во моментот на поднесувањето на барањето имаат нарачано таков автомобил.

Највисокиот износ ќе се испатува само доколку батеријата на возилото може да испраќа енергија во спротивна насока, односно кон дистрибуциската мрежа. Во тој случај, батеријата може да послужи како мала резерва за периодите кога е преоптоварена дистрибуциската мрежа, а секако дека може по потреба да се користи и за напојување на домот – ноќе се полни струја по евтина тарифа, во текот на денот истата се користи во домаќинството.

Овој случај претставува уште еден пример за германската организираност и посветеност за работата да се заврши добро. Државната банка KfW само во првите десет часови обработи повеќе од 20.000 барања, иако системот беше преоптоварен. Од отворањето на програмата во 8 часот наутро, до 18 часот вечерта, на порталот биле повеќе од 190.000 посетители. Од нив, 66.000 корисници се регистрирале за програмата.

Претходна објаваOpel Mokka најдобра придружничка за светскиот ден на кафето
Следна објаваMercedes-AMG GLC Coupé со електрично турбо, хибрид и 680 КС

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here