за

Ветеран на Fiat е новиот шеф на Jeep со задача да ја забрза продажбата

Продажбата на Jeep забави во последниве неколку месеци, вклучувајќи го и домашниот пазар во САД.

Антонио Филоса почна да работи за Fiat во 1999 година, на раководни места во Латинска Америка, вклучувајќи и позиција на прв човек за марките Alfa Romeo и Maserati во регионот.

Stellantis го назначи Филоса, во моменов оперативен директор за Јужна Америка, како нов извршен директор за марката Jeep, на местото на Кристијан Моние, кој заминува од компанијата.

На местото на Филоса за Јужна Америка доаѓа Емануеле Капелано, од местото на извршен директор на производителот на очила Marcolin Group за северноамериканскиот пазар. Капелано работеше како финансиски директор за огранокот на Stellantis во Јужна Америка во периодот од 2017 до 2021 година.

Stellantis најави промени и во раководството за Индија и регионот на Азија и Пацификот, каде што Ашвани Мупасани ќе ја преземе должноста од Карл Смајли, кој исто така заминува од Stellantis.

Jeep штотуку почна со продажба на својот прв целосно електричен модел во Европа, градскиот СУВ-модел Avenger. Американската марка планира да воведе електричен погон во целата своја понуда од теренски возила, вклучувајќи го Wrangler.

Марката што изгради култ околу својот Wrangler, во изминатиов период забележа пад во продажбата на светско ниво. Во 2022 година беа продадени за 13 проценти помалку возила, што е најниска продажба по 2014 година. На клучниот пазар во САД, продажбата на Jeep се намали за 12 проценти во првата полоовина од 2023 година.

Извршниот директор на Stellantis, Карлос Тавареш, во јули посочи дека пазарниот удел на Jeep мора да се зголеми, обвинувајќи за „недоволно оптимирани маркетиншки тактики и отсуство на потребните моделски изведби на плацевите на нашите дилери. Кога ќе погледнете од оперативен аспект, постојат многу нешта што можеме да ги направиме подобро и тоа е делот од менито што ќе го смениме за да го вратиме пазарниот удел на Jeep.“

Новиот шеф на Jeep е ветеран од Fiat

Филоса е дипломец на прочуениот италијански универзитет Политехнико ди Милано и работи за групацијата Fiat од 1999 година. Во својата досегашна кариера, тој вршел раководни функции во регионот на Латинска Америка. Тој беше и шеф за регионот за марките Alfa Romeo и Maserati.

Филоса беше оперативен директор Fiat Chrysler Automobiles за Латинска Америка, а по спојувањето на FCA со групацијата Fiat во 2021 година, за да се оформи Stellantis, тој беше именуван за оперативен директор за Јужна Америка.

Мение, долгогодишен директор во Nissan, беше именуван за шеф на Jeep во 2019 година, кога марката беше дел од Fiat Chrysler Automobiles. Тој го задржа своето место по спојувањето во Stellantis.

Капелано се придружи во FCA во 2022 година, како помлад контролор и имаше неколку позиции во контролата, како и во финансиското планирање и анализата. Тој во 2017 година беше назначен за финансиски директор за Латинска Америка, за во март 2021 година да добие одговорност за целиот регион за концернот Stellantis. Во октомври 2021 година, Капелано почна да работи во Marcolin.

Citroen е главен во освојувањето на индискиот пазар

Мупасани моментно е претседател на Stellantis Shanghai Automotive Company, на коешто место се наоѓа од јули 2021 година. Тој ја започна својата автомобилска кариера во General Motors во 1995 година, во Понтијак, Мичиген, како инженер за производство.

Тој во 2004 година беше ангажиран во Кина, за да работи во SGM, заедничка компанија со SAIC. Потоа следеа раководни места во Бразил, Индија и Јужна Кореја. Во 2014 година, Мупасани се придружи во компанијата за потрошувачка електроника TE Electronics како потпретседател. Во 2019 година, тој премина во Fiat Chrysler, како директор за набавки.

Citroen New C3 за индискиот пазар

Смајли исто така ја почна кариерата во GM, каде што работеше до 2006 година, кога премина во Magna Steyr. Нов работодавец во 2012 година беше TE Connectivity, а потоа и Fiat Chrysler во 2019 година, на местото на шеф за набавки и директор на синџирот од добавувачи. Во јануари 2021 година тој стана оперативен директор на Stellantis за Индија и Пацификот.

Citroen New C3 Aircross за индискиот пазар

Stellantis работи на зајакнување на своето присуство во Индија, каде што ја продава моделската серија градски автомобили на Citroen, што се конструирани посебно за индискиот пазар. Понудата се состои главно од комбилимузината New C3 и од СУВ-моделот New C3 Aircross, коишто значително се разлукуваат од европските модели. Концернот има заедничка фабрика за автомобили со CK Birla, исто како и фабрика за мотори.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo и Northvolt поставија темелник за гигафабриката во Гетеборг

Истражување во Германија: Резервните делови за една година поскапеле за 10 проценти