за

Volvo EX30 ветува ниски цени, брзи стартови

Благодарение на користењето заедничка платформа со други модели и со батерии LFP, електричниот Volvo EX30 во Германија ќе чини 3.600 евра помалку од Opel Mokka Electric.

Во првите три месеци од годинава, Волво ја зголеми продажбата за 12 проценти, на 19.749 возила. Електричниот Е Икс 30 учествуваше со 14.544 возила во вкупната продажба, односно дури 74 проценти од порастот отпаѓаат на него.

Volvo за својот прв СУВ-модел од градската класа вели дека е „малечок, но моќен“. Тоа не е само најдостапниот модел на шведската марка, со стартна цена од 36.590 евра во Германија, туку е воедно и најбрзиот модел на Volvo.

Извршниот директор Џим Роуен е убеден дека таа комбинација на EX30 ќе одигра клучна улога, за Volvo да ја достигне планираната цел, и во 2025 година да продава за 95 проценти повеќе возила на светскиот пазар, отколку лани. Планот е продажбата дотогаш да се искачи на 1,2 милион возила, со тоа што половината од продажбата ќе ја сочинуваат модели со целосно електричен погон.

На денешниот настан, тој посочи дека Volvo очекува EX30 да биде еден од најпродаваните модели на марката во следните години, како и дека тој „ќе даде значаен придонес за нашиот раст и за профитабилноста.“

Volvo планира оперативната маржа до средината на деценијата да ја зголеми во распон меѓу 8 и 10 проценти, во споредба со седум проценти лани.

Книгите за нарачки за Volvo EX30 веќе се отворени

Volvo уште од денес почна да прима нарачки за EX30 во Европа и во САД. Наскоро ќе следат и останатите пазари. Испораките се очекува да започнат рано во 2024 година.

„Сакаме да кажеме дека EX30 е малечок, но моќен, затоа што исполнува сé што би посакале од Volvo, но во помало пакување,“ кажа Роуен на денешната светска премиера на моделот.

Видео снимка во возење

Врвната изведба на целосно електричниот EX30 ќе спринтува од место до темпо сто за 3,6 секунди и со тоа ќе биде најстартен модел на шведската марка.

Овие перформанси ќе ги постигнува изведбата на EX30 што користи батерија со литиум, никел, манган и кобалт, во комбинација со по еден електромотор за секоја оска.

Изведбата со погон на сите тркала ќе располага со батерија од 69 киловатчасови, со електромотор напред со 154 КС и втор електромотор назад со 268 КС, односно со вкупно 422 КС.

Видео снимка од внатрешноста

Овој модел постигнува вртежен момент од 523 њутнметри. Досегот се движи до 460 километри. Со можност батеријата да се полни под моќност до 153 kW, наполнетост од 10 до 80 проценти ќе се постигнува за неполни 27 минути.

За купувачите што повеќе го ценат досегот, отколку перформансите, Volvo ќе нуди варијанта со истата батерија, но со еден електромотор на задната оска. Со 268 КС, тој модел ќе вози до 480 километри со едно полнење.

Дисплеј

Основната изведба на EX30, којашто на европскиот пазар се нуди со месечна претплата во висина од 599 евра, во рамките на услугата Care by Volvo, постигнува досег до 344 километри со својата батерија со хемија литиум-железо-фосфат од 51 kWh. Тоа ќе биде прв модел на Volvo што користи батерија LFP.

Соперниците на Volvo EX30 на европскиот пазар

Цената на основната изведба на EX30 во споредба со дел од конкуренцијата на германскиот пазар

  • Smart #1 – 42.490 евра
  • Opel Mokka Electric – 40.242 евра
  • Volvo EX30 — 36,590 евра
  • MG4 — 32,312 евра
  • MG ZS EV — 31,312 евра

Роуен лани во ноември кажа дека Volvo ќе биде во можност да ги смали трошоците за EX30, користејќи заедничка платформа со други модели од групацијата Geely, како и со користење батерија LFP за својот основен модел. Резултатот се огледува во тоа што основната изведба на EX30 на германскиот пазар чини 3.600 евра помалку од градскиот СУВ-модел Opel Mokka Electric, којшто е еден од најпродаваните модели во сегментот.

Меѓу моделите со коишто Volvo EX30 ја дели платформата е Smart #1, којшто се произведува во Кина. Двата модели ја користат платформата SEA, односно Sustainable Experience Architecture.

Динамичен приказ на внатрешноста

Како премиум модел, Volvo EC30 во Европа ќе се натпреварува и против модели со мотор со внатрешно согорување, меѓу коишто се Audi Q2, Mini Countryman, DS 3 Crossback, но и хибридниот Lexus LBX, што премиум марката на Toyota го претстави во понеделникот.

Франческо Спечијале, кој раководи со пазарната стратегија за EX30, вели дека заедничкото користење на платформата „за уште поголем број возила ни овозможува ефикасност во трошоците за EX30“.

Безбедносни системи

Проектиран со беспрекорна аеродинамичност, EX30 може да користи помала, а со тоа и поевтина батерија, без притоа да се скусува досегот. Ниската хауба и воздушните завеси напред, заедно со покривот што се спушта наназад, придонесуваат да се намали отпорот и да се подобри енергетската ефикасност.

Volvo за следната година подготвува изведба со погруб изглед, во форма на подигната варијанта Cross Country, снабдена со заштитни плочи, црни панели во предниот браник и заштита назад, како и со малечко шведско знаме поставено на хаубата.

Со напредни безбедносни системи

EX30 ќе биде прв модел на Volvo што преку видливи и чујни предупредувања алармира кога патниците отвораат врата, во случај кога кон возилото се движи велосипедист или друг учесник во сообраќајот.

Овој систем ќе биде вклучен во стандардната опременост на EX30.

Незгодите во коишто велосипедистите се повредуваат поради невнимателно отворање врата, учествуваат со една петина во вкупниот број незгоди на велосипедистите во градовите. Според Cycling UK, секоја година само во Кралството загинуваат или тешко се повредуваат во просек по 60 лица, во незгоди предизвикани од отворање врата.

Volvo е втора марка во автомобилскиот холдинг Geely, по Smart #1, што ја нуди оваа технологија.

Меѓу останатите стандардни системи за безбедност во EX30 спаѓа систем за предупредување на возачот, со сензор зад воланот, што ги следи движењата на очите и на лицето по 13 пати во секунда.

Системот препознава знаци кога возачот не внимава на патот, кога е заморен или вниманието му се одвлекува на друг начин, по што следи предупредување.

ГЛАВНИТЕ ДОБАВУВАЧИ

Volvo за EX30 користи батерии од неколку кинески компании

Vremt ги подготвува комплетните батерии од 51 и 69 kWh.

Ќелиите ги изработуваат три компании:

  • Rept (за 51 kWh)
  • Sunwoda (за 69 kWh за пазари во Британија, САД и Кина)
  • Calb (за 69 kWh во ЕУ и Скандинавија)

Најзелениот електричен автомобил во понудата на Volvo

EX30 е најзелениот електричен модел на Volvo досега. Откако во 2019 година најавија дека целат да постигнат целосна климатска неутралност од сите свои активности до 2040 година, Volvo Cars постојано изнаоѓа нови начини да го смали својот карбонски отпечаток за целиот животен циклус на возилата.

Смалувајќи ја емисијата на СО2 во целиот производствен и животен циклус на EX30, Volvo вели дека вкупниот карбонски отпечаток на својот малечок СУВ, сметано за 200.000 километри, го довел на помалку од 30 тони.

Тоа е за 25 проценти помалку од карбонскиот отпечаток на електричните модели C40 и XC40.

Околу една петина од сета пластика во возилото, од внатрешноста до браниците, потекнува од рециклажа, што е најголем процент кај модел на Volvo досега.

Производството на Volvo EX30 ќе се одвива во Џангѓакоу, Кина, во фабрика што целосно користи енергија од обновливи извори. Покрај тоа, 95 проценти од добавувачите за моделот се обврзани да користат 100% обновлива енергија во своето производство по 2025 година.

Volvo го дизајнираше и проектираше EX30 со цел да ги сведе трошоците на најмала можна мера, без притоа да се жртвува премиум карактерот на возилото.

Материјали во кабината

„Поставивме приоритети, за тоа што е важно за марката“, објаснува Акил Криснан, директор во Volvo за модели од помалите класи. „Место да ги скусуваме трошоците за интерактивните површини и материјали, ние ги скусивме трошоците кај електрониката и технологијата, преку поедноставување и подобрување на ефикасноста.“

Пример за тоа се звучниците што се преселени од вратите во подрачјето под ветробранот. Исто и прекинувачите за прозорците се преместени од вратите во арматурната табла. На тој начин се скусија трошоците за производство, а во исто време се доби и повеќе простор за одлагање во вратите.

Единстениот дисплеј во арматурната табла е поставен средишно. Неговиот дисплеј мери 12,3 инчи во пречник, а се користи андроид оперативен систем наменет за автомобили, со беспрекорна поддршка за услугите на гугл.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески производители во трка за преземање на фабриката на Ford во Германија

3000 km со електрична Toyota bZ4X низ Македонија: Попова Шапка