за

Кинески производители во трка за преземање на фабриката на Ford во Германија

Ford најави дека во својата германска фабрика во близина на границата со Франција ќе престане со производство во 2025 година.

Ford во фабриката во Зарлуи го произведува компактниот модел Focus и вработува околу 4.600 лица.

Ford е пред постигнување договор за продажба на фабриката во Германија. Две групации на производители на автомобили од Кина се меѓу трите потенцијални идни сопственици, коипшто имаат највисока понуда за фабриката. Тоа се случува во време додека Европа почнува да се двоуми околу инвестициите од кинески компании.

Една од понудите за преземање доаѓа од BYD, најголем домашен производител на автомобили во Кина. Втората понуда доаѓа од група од неколку помали кинески компании. Тоа го кажуваат познавачи што се упатени во ситуацијата.

Американскиот производител на автомобили и германската сојузна држава Зарланд, каде што се наоѓа фабриката, исто така се во преговори со германски производител на соларни компоненти. На тоа укажуваат лица што не го откриваат идентитетот, затоа што станува збор за приватни разговори.

Ford планира да потпише преддоговор за продажба во текот на месецов, кажуваат упатените лица. Тоа се случува по една година, откако производителот најави дека ќе престане со производство на автомобили во фабриката во Зарлуи во 2025 година.

Во фабриката во којашто се произведуваат компактните модели Ford Focus, работат околу 4.600 лица.

Постојат и други заинтересирани страни, меѓутоа не постои гаранција дека ќе биде постигнат договор до крајниот рок што е кон завршетокот на месец јуни. Можно е преговорите да завршат без успех.

Од Ford посочуваат дека имаат намера да ја трансформираат фабриката во Зарлуи и да создадат основа за идни вработувања, меѓутоа не наведуваат повеќе информации. Од BYD и од министерството за економија на Зарланд, коешто исто така учествува во преговорите, не коментираат.

Каква било зделка во којашто е вклучена кинеска компанија, може да поттикне реакција од Берлин, дури и покрај тоа што во прашање се илјадници работни места во регионот што е мошне зависен од производството на делови за мотори со внатрешно согорување и возила.

Германија во изминатите години ги заостри правилата, за инвеститори што не се од Европа, да купуваат компании во сектори од високата технологија, како што се роботиката и вештачката интелигенција. Овие зафати главно имаат за цел да ги спречат кинеските инвеститори што уживаат поддршка од државата.

Претходно се проверуваа само инвестициите во клучната инфрастуктура, како што се енергетиката, водостопанството, телекломуникациите и одбраната.

Ford ја скусува својата производствена мрежа во Европа, што предвидува и отпуштање илјадници лица, додека во исто време се вршат масивни вложувања во електричните автомобили.

Ford со години се мачеше со малата добивка од своите модели наменети за масовните пазарни сегменти. Спротивна е ситуацијата со товарните возила, коишто му носат добра заработка на Ford. До завршетокот на деценијата, Ford на европскиот пазар ќе нуди единствено електрични патнички автомобили.

Во следната недела, канцеларот Олав Шолц треба да присуствува на отворањето на фабриката за електрични возила во Келн. Во фабриката беа вложени 2 милијарди долари, за подоцна во текот на годинава да почне производство на електрични автомобили.

Индустрискиот комплекс изграден пред 90 години се вбројува меѓу најголемите во Европа.

Купувањето голема фабрика за производство на автомобили, на Кинезите ќе им овозможи да ги засилат своите планови да изградат база на конкурентниот европски пазар, додека побарувачката за електрични возила бележи огромен раст. BYD веќе целосно е префрлен на производство на електрични автомобили и во првиот квартал од годинава беше најголем производител на автимобили во Кина, престигнувајќи го концернот Volkswagen.

BYD исто така е во потрага по алтернативни локации за фабрика во Франција и Шпанија, посочуваат три упатени лица.

Додека расте веројатноста дека фабриката во Зарлуи ќе ја преземе голем добавувач на компоненти за автомобилските производители, едно од лицата што е вклучено во преговорите посочува дека BYD гледа предност да се изгради нова фабрика надвор од Германија.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричните автомобили како акумулатор за евтина струја

Volvo EX30 ветува ниски цени, брзи стартови