за

3000 km со електрична Toyota bZ4X низ Македонија: Попова Шапка

Електромобилноста нема врска со штедeње или чиста совест, сé e до уживањето. Секој нов километар на струја е ново искуство: Со струјата од спуштањето од Попова Шапка, до Скопје.

Доколку во електричниот погон сé беше околу намерата да се заштеди или можеби да се обезбеди подобар сон, без грижа на совест кон животната средина, целата оваа еуфорија ќе се развиеше само во уште еден обичен автомобилски тренд, и кога тогаш ќе дојдеше време да се повлече црта, и на светот да му се пријави дека трендот завршил. Но, тоа време никако да дојде.

Има нешто многу повеќе во оваа електромобилност, и тоа се разоткрива слој по слој, како што напредуваме со нашиот проект, да извозиме повеќе тури во вкупна должина 3.000 километри низ Македонија, во најразлични услови, мисии, средини, со оваа бисерна Toyota bZ4X, што и уличната кал не си дозволува да ја нагрди.

Од овој голем проект што си поставивме за задача да го сработиме со важниот електричен автомобил Toyota bZ4X, важен оти тој доаѓа од марката со хибридните автомобили, досега поминаа 750 километри од големата тура низ цела Македонија и уште дваесетина километри од возењето за загревање по Водно. Има уште многу за возење, додека се заокружат трите илјади километри. Но, најмалку е проблем да се најдат нови мисии. Оваа е веројатно една од „најотрезнувачките“ за тоа што претставува електромобилноста во својата суштина.

Ефектот од турата до Попова Шапка ќе почне да се покажува дури на враќањето оттаму. Веќе одамна не е прашање дали Toyota bZ4X е брза, моќна, штедлива, комфорна, спортска… сето тоа се потврди на големата тура, поаѓајќи од Скопје, преку Берово, до Гевгелија, па оттаму преку Прилеп и Битола, до Охрид, и назад преку Кичево, Гостивар и Тетово, до Скопје. Целта на оваа тура е да се измери, колку километри ќе се „додадат“ во досегот, на спуштање од Попова Шапка, до Тетово.

Тоа може да се толкува и вака: Колку долго ќе вози Toyota bZ4X со „струјата од планината“, односно со електричната енергија што електромоторот ја произведува дејствувајќи како генератор, користејќи ја кинетичката енергија, енергијата на движењето, додека Toyota bZ4X под дејство на силата на земјината тежа се движи надолу.

Тоа стручно се нарекува рекуперација, а најблиску е да се објасни како повраток на енергијата. Според законите на физиката, преку рекуперацијата не може да се добие повеќе енергија, отколку што е потрошено за задвижување на возилото. За груба претстава, може да се земе дека при спуштањето ќе се вратат до 60 проценти од енергијата што е потрошена при искачувањето. Тој процент би важел само доколку возилото сето време се спушта по прав пат и постојано со иста стрмнина, без сопирање во свијоци, без поблаги и пострмни надолнини. Во реалноста е друго, но затоа и се работи овој тест.

Станува збор за многу енергија. Многу е лесно да се стекне претстава за количината на таа енергија. Што се забележува покрај предните тркала прво, кога по долго и стрмно спуштање ќе се запре возилото и ќе се излезе на чист воздух? Од предните тркала – од задните исто така – се шири жештина. Тоа е топлината од дисковите, коишто се вжештени. Неискусните возачи лесно може да се најдат во ситуација кога по долго и брзо спуштање ќе ги прегреат сопирачките и ќе се соочат со фејдинг, односно со драстично слабеење на силата на сопирање.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Место таа енергија да се предава бескорисно во средината, електричните автомобили ја претвораат кинетичката енергија во електрична енергија. Toyota четвртина век го практикува ова владеење со енергијата. Батеријата на хибридниот погон, што Toyota почна пред неколку години да го нарекува самополнечки, за да го разликува од приклучниот хибриден погон, исто така се полни на надолнина, на забавување, сопирање, запирање. „Новината“ е во тоа што место батерија со капацитет од неколку киловатчасови, сега има на располагање батерија од преку 70 киловатчаови.

Возењето до Тетово минува рутински. Покрај досегот од преку 430 километри, може петпати да се вози до градот под Шар Планина и назад, пред да затреба батеријата да се полни повторно.

Четириесетината километри до Тетово и уште дваесетина километри до Попова Шапка, минуваат неосетно, како што доликува со електричен автомобил. Тивко е, мирно, без вибрации, сосем релаксирачко искуство.

На враќање, Toyota bZ4X пријавува дека батеријата има досег за 313 километри. Температурата горе е 9 степени Целзиусови, потфатот беше направен на 2-ри мај. Електрониката што ја контролира и се грижи за батеријата, не се тревожи околу тоа што температурата е ниска.

Не треба да се чека долго, додека досегот почне да расте. Изненадувањето е во тоа што, како минува патот, така се додава досегот – по два километри спуст, досегот покажува 315 километри, по три километри, уште еден повеќе. Тоа е само вовед. По осмиот километар од поаѓањето, досегот веќе порасна на 324 километри. Тоа се единаесет километри повеќе отколку горе.

По надолнината ни е вклучено засилувањето на „моторното“ сопирање. Тоа значи дека електромоторот посилно го запира возилото, а тоа значи и дека со поголем интензитет генерира струја. Забавувањето во овој режим изнесува до 0,15 од силата на земјината тежа, односно околу 1,5 метар во секунда за секунда. Додека другите автомобиоли напред сопираат, во Toyota bZ4X е доволно само да се отпушти педалата за возење. Само во ретки случаи, кога е потребно посилно забавување или кога ќе се појави опасност, мора да се притисне врз сопирачката.

Изненадувањето е во тоа што bZ4X, до знакот што го обележува влезот во Тетово, си создаде енергија за уште 30 километри пат. За толку се продолжи досегот. Горе на „Шапка“ имавме 313 километри, долу во градот се 343 километри.

Следно е возење по автопатот, без каква било намера, ниту пак потреба да се вози бавно, какво што многумина си го замислуваат погрешно возењето електрични автомобили. Темпото не ѝ пречи на Toyota, напротив, при темпо 120, моментната потрошувачка при постојана брзина е далеку под просекот од 15-на киловатчасови на сто километри.

Првиот дел од големата тура

Вклучени се сите системи за асистенција што ги поседува beyondZero-автомобилов – самостојно следење на лентата и управување во свијоци, радарски темпомат што подзабавува кога напред има побавно возило и самостојно забрзува кога Toyota ќе се престрои во лентата за забрзување.

Вториот дел од големата тура

Како што спомнавме и во видеото од потфатот, што е објавено на инстаграм, враќањето во Скопје со 310 километри досег е како „Победничко враќање“. Toyota во просек потрошила 0,3 киловатчасови на сто километри. Тоа е исто како три жаречки светилки од по 100 вати, да се пуштат да работат по еден час – или една таква светилка да работи три часови.

Остануваат уште бројни тури. Километражата досега:

  • 20 километри на Водно
  • 750 километри на Големата Тура
  • 140 километри од Шарпланинската Тура

До 3.000 километри остануваат за возење уште 2.090 километри. Тоа ќе биде за миг.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo EX30 ветува ниски цени, брзи стартови

Мак Аутостар со марките Mercedes и Fuso на Саемот за транспорт во Скопје