Volvo Cars го гледа својот прв целосно електричен миниван како скандинавска дневна соба на тркала. EM90, што Volvo го претставува како MPV, односно повеќенаменско возило, претставува уште една пресвртница за шведската марка, што светот ја познава најдобро по нејзините СУВ-и комби-модели.
Volvo во својата 96-годишна историја нема понудено повеќенаменско возило или миниван. Шведскиот прозводител нема планови да го продава EM90 во Европа или во САД, затоа што моделот е наменет главно за Кина, најголемиот пазар во светот.
Volvo сепак не исклучува можност електричниот ван да се продава и на други пазари, покрај Кина. Миниваните пред многу години постигнуваа впечатливи продажби во САД и во Европа, но со текот на времето тие се втопија во СУВ-сегментот.
Во Европа, премиум марките сепак почнуваат да покажуваат заинтересираност за овој сегмент на возила.
Lexus во април најави дека својот миниван LM ќе го понуди за првпат на европскиот пазар. LM ќе ја има за конкурент Mercedes-Benz V-Class, во сегментот на луксузните ванови.
Во Кина, каде што EM90 ќе го има своето деби на 12-ти ноември, МПВ-возилата се важен дел од пазарот. Во првата половина од годината, сегментот на минивановите постигна најголем напредок од сите сегменти на кинескиот пазар, со раст од 26 проценти. Во првите шест месеци во земјата биле продадени 484.000 миниванови.
Volvo е дел од кинескиот холдинг Geely и потребен му е нов двигател што ќе ја забрза продажбата на најголемиот пазар во светот.
Продажбата во Volvo во Кина, во јули се намали за 8 проценти, на 14.182 продадени возила. Наспроти тоа, пазарот во САД напредуваше за 57 проценти, додека европската продажба напредуваше за 28 проценти.
За седум месеци, Volvo сепак има раст во продажбата во Кина, со 8 проценти плус, меѓутоа напредокот таму пак е послаб од Европа од САД, каде што продажбата во истиот период се зголеми за по 23 проценти.
Сестринската марка на Volvo, кинеската премиум марка Zeekr, уште во јануари стартуваше со продажба на својот електричен миниван со моделска ознака 009.
Според првичните информации, EM90 ја користи платформата SEA (Sustainable Experience Architecture) на Geely. Истата платформа служи како основа за Zeekr 009, миниван со три реда седишта, што дебитираше на кинескиот пазар во јануари. За пет месеци, Zeekr продал 20.000 примероци од 009 на домашниот пазар.
Zeekr исто така не планира да го пшонуди својот 009 на европскиот пазар.
Бројот 90 во ознаката на моделот на Volvo, укажува дека станува збор за премиум модел од вишата класа, којшто му се придружува на EX90, електричниот знаменосец на шведската марка. Тој е незначително покус и потесен од EM90.
На најавната фотографија за EM90 се прикажува возило со кутиест дизајн, што беше одлика на моделите на Швеѓаните, пред да се премине на заоблени каросерии во раните 2000-ти
Volvo верува дека половина од очекуваната продажба од 1,2 милион возила во 2025 година, ќе отпаѓа на целосно електрични модели. До 2030 година, Volvo ќе стане чисто електрична марка.
Во почетокот на годинава, Volvo првпат го приокажа малиот електричен СУВ-модел EX30. Испораките на моделот ќе стартуват во почетокот на 2024 година. Со тоа, ЕX30 ќе им се прудружи на компактниот кросовер C40 и на целосно електричната варијанта на XC40. Заедно со EM90, понудата од електрични модели на Volvo ќе се зголеми на пет модели. Во 2019 година, шведската марка немаше ниту еден модел на струја во понудата.
Volvo најави дека секоја година ќе лансира по еден нов целосно електричен модел до 2025 година. Низата почна со EX90, којшто беше прикажан лани во ноември и досега требаше да стартува со испорака, но проблемите со софтверот (лидар, моментно најнапредната технологија за самостојно возење) го одложија стартот.
Главната новина годинава е EX30, како втор модел од новата генеација електрични автомобили nа Volvo по EX90.
Volvo го најавува EM90 како автомобил што е проектиран за клиентите „да можат најдобро да го искористат времето додека се возат“. На тоа следи и девизата дека ванот „создава простор за животот.“