за

Најскапиот автомобил на светот е „Црна Роза“

Кабриолетот со име La Rose Noire, црна роза, стана најскап нов автомобил на светот. Се шпекулира кој може да e сопственикот. Или сопственичката.

Најексклузивниот и најскап нов автомобил во светот е кабриолет со две седишта и го носи името La Rose Noire, односно Црната Роза. Автомобилот e Rolls-Royce, на него се работеше цели пет години. Цената е 25 милиони евра.

Насловот на најскап автомобил на светот и досега го носеше автомобил на Rolls-Royce. Испорачан во 2021 година, Rolls-Royce Boat Tail тогаш чинеше 23 милиони евра.

Изгледот на „Црната Роза“ е инспириран од црната бакара-роза, што потекнува од Франција. Исто како розата, автомобилот ја менува бојата како што се менува аголот на гледање. Под вистинско светло, бојата е темно црвена. Според Rolls-Royce, овој вид роза е омилен од мајката на фамилијата што го купи автомобилот.

Посебно е екстравагантна внатрешноста. Покрај тоа што е користена најблагородна кожа и вградено е многу метал, во кабината се наоѓа фурнир што се состои од 1.603 одделни делови. Барањето на клиентот било кокпитот да е обложен за да изгледа како во возилото да се расфлени листови роза.

За сопственикот секогаш да има увид во точното време, во арматурната табла е вграден часовник од швајцарската луксузна марка Audemars Piguet. Секако дека скапоцениот часовник може да се извлече во секое време и да се носи на рачниот зглоб. Часовниците од оваа марка обично почнуваат од 20.000 евра. Овој примерок што е вграден во црната роза, чини неколку стотини илјади евра.

На патниците не смее нешто да им недостига во овој автомобил. За да се ужива уште толку повеќе во излетите за време на викендите, во возилото се наоѓа ладилник за шампањ, каде што собира едно шише и две кристални чаши.

Уникатниот Rolls-Royce користи посебна платформа, различна од платформата што е наменета за тековните модели Ghost и Phantom. Под хаубата работи 6,6-литарски мотор V12 со битурбо натполнење. Моќноста му изнесува 600 КС, вртежниот момент е 800 Nm.

Предавањето на возилото се одржа неодамна на приватен настан, за време на автомобилската недела во Монтереј, во близина на Пебл Бич. Прашањето секогаш е истото: Кој може да си дозволи да плати толку и сега го поседува најскапиот нов автомобил во светот?

Според британските медиуми, приватниот налог бил издаден од „супербогата сопруга на супербогат сопруг од гламурозна династија на шампањ и мода, што ја обожува уметноста“. Се шпекулира дека тоа е Хелене Мерсие Арно (64).

Таа е соприга на милијардерот Бернар Арно (74), директор на групацијата луксузни марки LVMH – Louis Vuitton Moët Hennessy. Со капитал проценет на 230 милијарди евра, тој се вбројува меѓу најбогатите луѓе на планетата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo го цени својот прв ван како скандинавска дневна соба на тркала

Електричните автомобили не биле причина за пожарот на Fremantle Highway