за

Kia Sportage доби електрична придружничка, EV5

Sportage ѝ носи шампионски продажби на Kia и во голема мера го гради имиџот на марката, затоа е сосем природно тоа што Корејците почнуваат со електричен EV5, во истата класа и со иста целна група со бестселерот.

KIA EV5 го продолжува дизајнерскиот правец на EV9, линијата на светлата е испирирана од соѕвездијата

Sportage во иднина нема да биде единствена понуда на Kia во сегментот на компактни СУВ-модели, туку покрај неа ќе стои на располагање и EV5, чисто електрична изведба, со истата големина и целна група. Погонот на струја во меѓувреме стартуваше и во понудата на македонската Kia, со два модели во салонот, Niro и EV6.

Електромобилноста не е споредна работа во Kia, напротив, корејскиот производител паралелно си ја почитува насоката. По моделите EV6 и EV9, конструирани врз платформа што е наменета исклучиво за електричен погон, Kia ќе го подготвува за старт третиот EV-модел, EV5.

Веројатно најважниот модел во електрификацијата на Kia, затоа што се очекува да постигне најголема продажба, EV5 доживеа премиера денес на салонот за автомобили во Ченгду, Кина.

Изгледот верно се раководи според линијата на EV9, но пак поставува сопствен печат. Kia ветува и висока функционалност на кабината (затоа што е-погонот одзема помалку простор), а се зборува и за „исклучителен комфор“ на добро избалансираното возило.

При развојот се земаше предвид првенствено семејната примена на автомобилот, односно приспособливоста на кабината и овозможувањето семејството да ужива во секое патување.

Дизајнот е неповторлив, тука нема двоумење дали е Kia или некоја друга марка

Како што е тоа вообичаено, сцената дури сега почнува да го сфаќа новиот дизајн на Kia. Секогаш се случува тоа, првиот модел со целосно нов дизајнерски правец да предизвика и негодување и одушевување, за веќе по вториот и третиот модел во таа насока, сцената да се префрли главно на одушевување. Тоа се случува и со Kia EV5.

„Kia EV5 е создадена за одново да го дефинира жанрот на компактни СУВ, со форма обликувана од единствениот дизајнерски пристап на Kia, ‘Opposites United’“, вели Карим Хабиб, потпретседател и шеф на Kia Global Design Center.

„Во секој чекор, дизајнерите на Kia соработуваа тесно со нивните колеги инженери, за да создадат холистичко решение за одржлива мобилност. Како резултат, ЕV5 поставува нов стандард за дизајн, перформанси и практичност, додека во исто време обезбедува нов степен на возачко уживање и корисничко искуство.“

Инспирацијата за светлата доаѓа од соѕвездијата, затоа Kia за својот дизајн вели дека тоа е свет на обединети спротивности

Препознатливите дизајнерски елементи на Kia, како широкиот нос и моќната хауба, се соединуваат за да создадат дигитална верзија на „тигарскиот нос“. Посебно се впечатливи светлата коишто се протегаат во сите три правци и формираат „Signature Star Map Lighting“.

Задните столбови се поместени далеку наназад, за да формираат кабина што оддава просторност и семејна примена. Спојлерот назад е издолжен и спуштен, формирајќи го препознатливиот профил на EV5. Електричниот СУВ не исклучува можност за возење по терен, па затоа и се толку впечатливи плочите за заштита на подвозјето, иако нивната функција се сведува главно на оптика.

Тој е зачетникот на новиот дизајнерски правец на марката, седумседот со огромна кабина Kia EV9

Девет сјајни и една мат боја ќе стојат на располагање. Боите, патем, силно ја одликуваат Kia, пример за тоа е токму актуелниот Sportage, лакиран во сосем различни бои од „шемата“. Кај EV5 ќе стојат за избор: Snow White Pearl; Clear White; Starry Night Black; Magma Red; Ivory Silver; Frost Blue; Iceberg Green; Tide Blue; Shale Grey – мат боја е Ivory Silver.

Дизајнерите објаснуваат дека внатрешноста е „модерно инспиративна за новата ера на одржлива мобилност“

Истражувањата на Kia покажале дека „миленијалците“ ја ценат кабината на своите електрични СУВ, не само како простор за безбедно и комфорно да седат додека се возат, туку и како дополнителна „соба“ за живеење. Затоа и дизјанерите применија сосем различен пристап. Главните искуства сепак доаѓаат од EV9, којшто е практично јахта на тркала. Внатрешноста повеќе личи на домашен салон, отколку на автомобилска кабина.

EV6 во салонот на македонската Kia

За внатрешното осветлување може да се избира меѓу 10 степени на силина, меѓу 10 сценарија и 64 бои. Осветлувањето се менува во текот на возењето, па дури и реагира кога ќе се наиде на опасни ситуации.

Продажбата на EV5 ќе почне уште во текот на годинава, прво во Кина, а понатаму ширум светот. Повеќе детали за новиот модел ќе бидат објавени во октомври, на Kia EV Day – настан посветен на тековните и идните електрични модели на Kia.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes EQA: Освежување за најмалечкиот електричен автомобил со ѕвезда

Volvo го цени својот прв ван како скандинавска дневна соба на тркала