
Штутгарт е во освежувачки занос на своите модели од компакт класата. По A- и B-Class, по CLA, GLA и GLB, сега и електричните модели во овој дел од понудата на Mercedes претрпеа неколку нови зафати.
Електричната изведба на компактниот СУВ-модел GLA постигнува примерни резултати во продажбата, а за и во иднина да биде така, EQA отсега настапува со освежен изглед, со подобрена ефикасност на погонот и со збогатена опременост.
Промените во изгледот на носот се направени за СУВ-моделот долг 4,46 метри да си личи повеќе со големите претставници на електро-движењето на Mercedes, моделите EQE и EQS. Препознатливата црна плоча, на местото на класичната маска на GLA, украсена е со малечки ѕвезди на Mercedes, со познатата шема на „Star Pattern“.
Во основната изведба на моделот, малите ѕвезди се во црна боја, додека во изведбите „Electric-Art“ и „AMG-Line“ тие се изработени во сребрена боја и тоа создава мошне ефектна појава.
За тркалата може да се избира меѓу четири дополнителни дизајни, со големина меѓу 18 и 20 инчи. При комбинација со помалите тркала, се вградуваат гуми со намален отпор.

Добрите познавачи на досегашниот модел ќе препознаат дека во страничните прагови, директно пред задните тркала, се наоѓа мала перка. Заедно со малиот издаден раб во задните светла, тоа има за цел да ја подобри аеродинамичноста.
Нов волан и збогатена сериска опременост во oсвежениот Mercedes EQA
Новото моделско годиште на електричниот Mercedes доаѓа со нова генерација волани. Во повисоките нивоа Electric Art и AMG-Line, се вградува познатата изведба на воланот со два двојни краци. Во основната изведба Progressive се вградува поедноставна изведба, но и таа располага со сензорски полиња што реагираат на допир.

Покрај новите украсни лајсни и пакетот со USB-приклулчоци, што сега се стандард, секој EQA отсега располага и со средишен дисплеј од 10,25 инчи. Досега во основните изведби се вградуваше дисплеј од 7 инчи. За шоуто со заоблен дисплеј што покрива половина од ширината на кокпитот, мора да се доплати и за поголеми дигитални инструменти. Тие стандардно имаат пречник од 7 инчи.
Исто како кај моделите со мотор со внатрешно согорување, во новиот EQA недостига практичниот Trakpad во средишната конзола. Место тоа, ракувањето се врши преку екранот на допир или преку говорните команди на системот MBUX, којшто е значително усовршен.

Преку притискање едно копче, EQA вклучува програма за заштеда на потрошувачката на енергија, со цел да се продолжи досегот. Во тој случај, се исклучуваат потрошувачите што не се неопходни во моментот и може да се очекува подолго возење до следното полнење.
Mercedes не ја исклучува можноста дека сопствениците на EQA ќе сакаат да влечат приколка, па нуди кука за влечење, што е реткост во овој сегмент. Сега е зголемена тежината на приколката, и место најмногу 750 килограми, може да се влечат 1.500 килограми, односно дури 1,8 тон кај изведбите со погон на сите тркала 4Matic.

Новина за делот од светот каде што има широка мрежа од полначи претставува можноста за „Plug&Charge“,што сега е достапна и за компактните модели на Mercedes-Benz. При користење на брзите полначи на Ionity и Aral, нема потреба од картичка, затоа што автомобилот комуницира со полначот преку кабелот. Наплатата е преку корисничката сметка на Mercedes me.
EQA може со полна батерија да мине до 550 километри
Основен модел е EQA 250 со 140 kW (190 КС), над тоа следи EQA 250+ со иста моќност, но со поголема батерија (70,5 место 66,5 kWh), додека врвот им припаѓа на изведбите со погон на сите тркала 4Matic, EQA 300 (168 kW) и EQA 350 (228 kW).
Со подобрувањата во аеродинамичноста се продолжи и досегот. EQA 250+ во совршени услови минува до 550 километри, место 531 километар. При приклучување на брз полнач, EQA ќе полни со моќност од 100 киловати.
Цените ќе бидат објавени наесен, кога ќе започнат и нарачките за новиот модел. Испораките ќе следат во почетокот на следната година.















