Швеѓаните го претставуваат третиот концептен автомобил од серијата што најавува целосен дизајнерски пресврт на нивните модели. Дизајнот ќе биде нова силна страна на Volvo.
Совршено едноставно. Тоа е основното обележје на сé што дизајнираат Швеѓаните, од куќа до автомобил и истото се потврдува во ентериерот на студијата Volvo Concept Estate. Сите копчиња и прекинувачи во средишната конзола се заменети со голем таблет, кој придонесува ракувањето да биде полесно и побезбедно. Остануваат само неколку класични контроли, за силината на звукот, за безбедносните прекинувачи и за греење на задниот прозорец. Ракувањето се следи и преку средишниот дисплеј во инструментите.
Робин Пејџ, главниот дизајнер за ентериер во Volvo објаснува: „Ослободувањето од ракувањето со копчиња и контроли за растечки број на функции е исто како кога ќе ги извадиш нараквиците.“
Од друга страна, Швеѓаните избраа нивната трета студија во серијата да биде комби, затоа што оваа каросериска форма е неразделна од традицијата на марката, почнувајќи од Volvo P1800 ES од 1970-те, преку 480 ЕЅ, до актуелните V70 и XC70, како едни од најомилените модели со комби каросерија. Секако дека концептот го најавува и изгледот на идните комби модели на Volvo, како и на новата генерација на теренецот XC90, чија премиера претстои кон крајот на годинава.
Исто како претходниците, Concept Coupe и Concept XC Coupe, дизајнот на последната студија на Volvo се одликува со нова линија на хаубата со „лебдечка“ маска и со светла со графика на осветлување во форма на буквата Т.
Препознатливиот шведски дизајн е присутен во секој дел од ентериерот: Безбедносните ремени се во портокалова боја, исто како волнените патосници од Kasthall, главата на рачката на менувачот е кристална и повторно со портокалов тон, додека облогите на седиштата во шаховски дезен внесуваат живост во кабината.
Чувство како да се седи во скандинавска дневна соба
За ексклузивната атмосфера во кабината придонесуваат и дебелата кожа врз таблата со инструменти, украсните панели од природно стареено дрво обработено со восок и рачно обработени делови од бакар. Делови од шведската секојдневна култура исто така се присутни, доколку инспирирани од светлата атмосфера, патниците посакаат да запрат на пикник и да играат „куб“. Специјално дизајнираниот сет за играње е видлив преку задниот капак на возилото. За секој случај, правилата на игра се напишани на транспарентниот под. Дури и дождот не смее да претставува оправдување. Во задниот дел од концептниот автомобил се наоѓаат и ексклузивните дождовни наметки од Стутерхајм.
















