за

Volvo го стартуваше производството на новите мотори

Во шведскиот Скевде започна производството на новата генерација мотори на Volvo. Првите агрегати ќе се вградуваат во моделите од повисоките класи кои ќе се појават во освежено издание наесен.

Во иднина Volvo нема повеќе да произведува мотори со пет и шест цилиндри, туку ќе се концентрира само на четирицилиндарски бензински и дизелски мотори, кои ќе делат ист блок на мотор и ќе може да се комбинираат со електромотор во хибридна погонска единица. Целта е да се намали бројот на варијанти на моторите и да се постигне поголема флексибилност.

Шведските инженери ги развија бензинските и дизелските мотори од генерацијата VEA со заедничка работна зафатнина од два литра. Сите мотори располагаат со директно впрскување на горивото и покриваат широк дијапазон на моќност со варијација на турбонатполнењето. Моќноста на моторите е повисока во споредба со актуелните погонски единици со шест цилиндри, а во исто време се и поштедливи од старите четирицилиндарци. Паралелно со моторите VEA е развен и нов осумстепен автоматски менувач.

Со овој потег, бројот на мотори на Volvo се смалува од осум на само три. Новите погонски единици ќе се воведуваат постепено до 2015 година. Уште во оваа година во Скевде ќе се произведат 20.000 мотори, а кон крајот на годината продукцијата ќе се зголеми на 2.000 мотори неделно.

За моторите VEA, Volvo вложи две милијарди шведски круни, односно околу 235 милиони евра во фабриката за мотори во Скевде. Тоа е најголемо вложување во историјата на фабриката. Модернизацијата на фабриката овозможи на една иста лента да се произведуваат сите мотори. Тоа ги зголемува ефикасноста и флексибилноста на продукцијата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Honda NSX ќе се произведува во Америка

Кросоверот на Peugeot почнува од 15.000 евра во Франција