Водечкиот европски концерн веќе ја приспособи стратегијата по збиднувањата со дизелската афера. Место 13 милијарди евра, концернот Volkswagen в година ќе инвестира една милијарда помалку.
Концернот Volkswagen ја приспособи стратегијата по нападот врз неговата водечка позиција како европски производител на автомобили и претендент за преземање на глобалното лидерство во браншата. Новиот шеф Матијас Милер воведува мерки за штедење и место првично планираните 13 милијарди евра, в година ќе се инвестира една милијарда евра помалку.
„Минуваме низ период на несигурност и волатилност, и постапуваме соодветно“, изјави Матијас Милер по завршувањето на седницата на надзорниот одбор во Волфсбург. „Ќе се проверува приоритетот на сите планирани инвестиции и трошоци. Тоа што не е итно неопходно, ќе се откаже или ќе се одложи.“
Приоритетот останува во развојот на електричниот погон и дигитализацијата
Милер најави дека издатоците за алтернативни погони ќе се зголемат за околу 100 милиони евра во следната година: „Нема да ја повториме грешката и да штедиме во нашата иднина. Поради тоа, планираме да продолжиме со интензивирање на инвестицијата во развој на електричниот погон и во дигитализацијата“. Предимство се дава на натамошниот развој на електричниот погон.
Најголемиот дел од инвестициите отпаѓа на нови модели, усовршување на модуларните платформи, како и на довршување на тековните проширувања на капацитетите. Се подготвуваат следните генерации на Golf и на Audi Q5, се гради новата фабрика за доставниот Crafter во Полска и се подготвува електрификација на модуларната платформа MEB. Околу 50 проценти од овие инвестиции ќе се влеат во 28-те локации на концернот во Германија.
Се одложува стартот на идната генерација на Phaeton
Милер ги спомена и проектите што ќе се одложат или запрат. Нов дизајнерски центар во Волфсбург нема да се гради. Со тоа ќе се заштедат 100 милиони евра. Покрај тоа, се размислува и околу изградбата на лакирница во Мексико. Во моделската понуда се одложува стартот на идната генерација на Phaeton, кој треба да користи чисто електричен погон.
„Во следните недели ќе ги преиспитуваме останатите издатоци и по потреба ќе ги одложуваме или откажуваме, но без да ја доведуваме во прашање нашата иднина,“ изјави Милер. Шефот реши да не менуваат плановите за инвестиции во Кина. Во 12-те милијарди евра колку што ќе се инвестираат в година, не се опфатени 4,4 милијарди евра кои ќе бидат вложени за најголемиот пазар на автомобили во светот. Овие инвестиции ќе се финансираат од сопствени средства со кинеските партнери.
Многумина пазарни експерти оценија дека нападот врз Volkswagen е инициран првенствено поради разнишување на неговата доминација на кинескиот пазар на автомобили, кој продолжува да расте со многу повисока стапка од останатите „високоволуменски“ региони во светот. Во моментов, германската агенција за моторен сообраќај ја тестира емисијата на штетни материи на модели од повеќе марки и најави брзо објавување на резултатите. Според првичните информации, отстапувања се јавуваат кај повеќето од тестираните модели.
















