Пред три години Volkswagen имал планови да го преземе Opel, но американскиот концерн General Motors во тоа време побарал превисока сума за зделката.
Според пишувањата на германскиот неделник „Билд ам Зонтаг“, концернот Volkswagen уште во 2014 година бил во преговори за преземање на Opel, за што добил и подршка од сојузната влада. Но, преговорите пропаднале поради превисоката цена што во тоа време ја побарал американскиот концерн General Motors, во чијашто сопственост е марката од Риселсхајм.
Неделникот понатаму наведува дека тогашниот шеф Мартин Винтеркорн однапред ја информирал германската канцеларка Ангела Меркел за плановите, на што таа возвратила со позитивен одговор.
Од Волфсбург потврдуваат дека се водени преговори со General Motors. Повеќе информации околу тоа не се наведуваат. Наспроти тоа, од американскиот концерн ги демантираат наводите, додека Opel воопшто не зазема став за објавите на „Билд ам Зонтаг“.
Францускиот концерн PSA е непосредно пред потпишување спогодба со General Motors за преземање на марката Opel. Менаџментот дал зелено светло за купувањето на германската марка со богата традиција. PSA и General Motors за утре (6-ти март) најавија конференција за печат.
















