Волфсбург планира во 2016 година да лансира нова евтина марка, како 13-та марка во концернот. Мал проблем е тоа што овие автомобили воопшто нема да се нудат на европскиот пазар.
Volkswagen планира годишно да произведува половина милион примероци од идниот евтин автомобил. Управниот одбор на концернот се очекува да даде зелено светло во следните недели, а во текот на летото за проектот ќе решава надзорниот одбор. Шефот Мартин Винтеркорн при претставувањето на годишниот биланс во минатата недела изјави дека новиот евтин автомобил е „кусо пред стасување на целта“. Но, последните чекори се најтешки.
Евтините автомобили на Volkswagen ќе се продаваат под новата, 13-та марка на концернот и ќе чинат околу 7.500 евра. Кон крајот на 2016 или почетокот на 2017 година ќе стартува продажбата во Кина, каде што Volkswagen ќе го произведува автомобилот во соработка со еден од локалните партнери FAW или Saic. Според кинеските закони, странските производители се обврзани да вклучат домашен производствен капацитет. По Кина ќе следуваат и останатите пазари, меѓу кои Индија и Југоисточна Азија.
Во сегментот под 8.000 евра моментно доминира евтината романска Dacia, а традиционално силен играч е и јапонскиот Suzuki. Но, за разлика од Романците и специјалистот за малечки автомобили, Volkswagen не планира да го продава евтиниот модел во Европа.
















