Volkswagen Touareg: Лета со 340 КС, но може и да едри

3. VW TOUAREG, продадени примероци 10,815 (+10.2%)

Touareg ги спојува комфорот на големите теренци од високата класа со теренската проодност на тврдокорните теренски возила. Новото моделско годиште носи освежен дизајн и неколку новитети во техниката.

Нов дизајн на предниот и задниот дел, нови системи за асистенција, вклучувајќи мултиколизиони сопирачка и нова генерација на радарскиот темпомат, како и нови услуги на интернет, значително поштедливи и во исто време посилни мотори V6 TDI со издув според Euro 6, како и неколку модификации во подвозјето – тоа се главните белези на новата генерација на Touareg.

Фејслифтот на Touareg се препознава во новиот дизајн на носот и опашот на возилото, како и со впечатливите предни светла – отсега биксенонските светла следуваат во серија. За благородна нота во верзијата „Chrom & Style” се грижи хромираната лајсна по целиот обем а каросеријата. Проширен е и спектарот на бои за каросеријата, вклучувајќи четири нови дизајни на бандажите, со што понудата на бандажи за Touareg отсега вклучува дури 16 различни дизајни.

Во внатрешноста е нов дизајнот и на типичните алуминиумски прекинувачи за Touareg, коишто изгледаат како да се изработени од едно парче метал. Бојата на осветлувањето во кокпитот сега е бела наместо црвена и според стилистите на Volkswagen го облагородува амбиентот во кабината. Соодветно на тоа е проширен и спектарот на бои за ентериерот, со две нови дрвени декорации „сапели махагони“ и „слонова коска“.

Техничкиот развој беше концентриран на усовршување на трилитарските мотори V6 TDI, имајќи во предвид дека 90-проценти од продажбата на Touareg во Европа отпаѓа на двата понудени мотора TDI. Обата шестцилиндарци се модифицирани и поседуваат SCR-катализатор, како еден од предусловите за исполнување на нормата Euro 6 во оваа класа на моќност. Со SCR („Selective Catalytic Reduction”) значително се намалува учеството на азотни оксиди во издувот. Новитет е можноста за „едрење“, при што моторот се одвојува од серискиот осумстепен автоматик и Touareg продолжува да се движи како менувачот да е во празен од. На тој начин се користи залетот, односно кинетичката енергија на возилото и се намалува потрошувачката на гориво. Со неколку измени во аеродинамиката на каросеријата и во подот, како и со користењето на нови гуми со намален отпор дополнително се намалува потрошувачката. Верзијата на V6 TDI со 204 КС сега троши 6,6 место 7,0 литри, а уште поголем е напредокот кај посилната верзија, сега со 262 место 245 КС, чија што потрошувачка се намали за 0,6 литри, исто така на 6,6 литри. Во верзијата Terrain Tech, со посебни додатоци за терен и редукција за погонот на сите тркала, поторшувачката се намали од 7,3 на 6,9 литри.

Промените во стандардното подвозје со челични пружини имаат за цел да ги подобрат управливост и комфорот. Со доплата и натаму се нуди пневматска амортизација, со којашто растојанието од подлогата може да се зголеми на 300 милиметри, за особено тежок терен. При брзини над 140 km/h, пневматиката ја спушта каросеријата автоматски, заради помал отпор.

Со избор на навигацискиот систем RNS 850 и подготовка за мобилен телефон, Touareg за прв пат добива пристап и до услугите на интернет. На располагање стојат пребарување на „Points-of-Interest-Suche” (POI) преку Гугл, прикажување карти преку „Google Earth mapping service”, функцијата „Google Street View” како и онлајн сообраќајни информации.

Продажбата ќе стартува наесен, прво во Западна Европа, со дизелите V6 TDI со 204/262 КС и V8 TDI со 340 КС, како и со хибридниот модел со трилитарски TSI со 333 КС и електромотор со 46 КС. На крајот на годината ќе стартува и продажбата во Русија, од јануари следуваат Северна Америка и Азија. По традиција, на последниве два пазара Touareg се продава со бензинските V6 и V8.
Ценовникот за германскиот пазар почнува од 52.125 евра за V6 TDI со 204 КС, односно 56.625 евра за верзијата со 262 КС, 74.725 евра за V8 TDI и 77.525 евра за хибридниот модел.

Претходна објаваJeep Renegade: Толку малечко, а сепак „џип“
Следна објаваТурчин го тужи Land Rover, Европската Унија му помага

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here