Volkswagen Tiguan ги доби моторите од Golf GTI

Два нови мотора пристигаат на врвот од понудата во гамата на компактниот теренец Volkswagen Tiguan. Бензинецот со 220 КС пристига директно од Golf GTI, додека со дизелот од 240 КС, Tiguan ќе му одржи лекција и на Golf GTD.

Новата генерација на Volkswagen Tiguan отсега е достапна со два нови топ-мотори. Едниот е дволитарски бензинец со турбонатполнење и 220 КС, пристигнат директно од Golf GTI, додека вториот е новиот 2.0 TDI BiTurbo од Passat, кој со 240 КС ги поставува стандардите уште повисоко и на компактниот теренец му обезбедува екстремни перформанси во неговата класа.

TDI BiTurbo: Вртежен момент од 500 њутнметри и спринт до сто за 6,5 секунди

Со дизелскиот BiTurbo, спринтот до сто трае 6,5 секунди, а крајната брзина изнесува 228 km/h. Максималниот вртежен момент од 500 њутнметри, достапен во подрачјето меѓу 1.750 и 2.500 вртежи, се испорачува преку 7-степен менувач со двојна спојка до погонот на сите тркала 4Motion. Доблест на 2.0 TDI BiTurbo претставува и скромноста со горивото: Само 6,4 литри на сто километри според фабрика. Моќта на Tiguan BiTurbo се препознава и во дизајнот, со впечатливи трапезни издувни цевки. Според Volkswagen, во моментов не постои конкурент што нуди повеќе дизелски КС во овој сегмент.

Седумстепен DSG и погон на сите тркала 4Motion како стандард

За љубителите на спортски бензинци стојат на располагање 220-те КС на дволитарецот од Golf GTI. Спринтот до сто во овој случај трае исто така 6,5 секунди, додека крајната брзина изнесува 220 km/h. Tiguan 2.0 TSI сепак е инфериорен наспроти TDI BiTurbo во поглед на вртежниот момент. Меѓу 1.500 и 4.000 вртежи стојат на располагање 350 њутнметри, коишто исто така преку 7-степен DSG се пренесуваат до погонот на сите тркала.

Обата мотора се достапни само во комбинација со врвното ниво на опрема Highline. Според германскиот ценовник, Tiguan BiTurbo стартува од 42.700 евра, додека за 2.0 TSI се потребни 39.625 евра.

Претходна објаваKia Sportage безгрешна и на супертестот на Auto Bild
Следна објаваТеренецот Urus ќе ја удвои продажбата на Lamborghini

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here