Престанокот на производството на Phaeton не значи дека Volkswagen се откажува од луксузните сегменти. Лимузините повеќе не се интересни, на ред се луксузни теренци. Премиера на концептот T-Prime на салонот во Пекинг.
Volkswagen го најавува присуството во сегментот на луксузните теренци со T-Prime Concept GTE, во замена за лимузината Phaeton којашто досега ја претставуваше марката од Волфсбург. Таму кадешто моментно царува Bentley Bentayga од сопствениот концерн, во иднина може да биде присутен и модел со знакот на Volkswagen, секако на неколку скалила подолу.
T-Prime е јасна најава дека идната генерација на големиот спортски теренец Touareg ќе се насочи уште малку повеќе кон луксузниот сегмент. Празнината што ќе се создаде со идеолошкото поместување на Touareg, сосема е извесно дека ќе се пополни со некоја од многуте нови моделски изведби во сегментот на спортските теренци што ги подготвува концернот, а најверојатно со купе-теренец во стилот на BMW X6 или Mercedes GLE Coupe.
Импресивни се и димензиите на идниот Touareg. Должина од близу 5,1 метар, ширина точно два метри и 1,71 метар во висина. За погонот во студијата е задолжен дволитарски TSI, кој во комбинација со електромотор со 136 КС и пристоен капацитет на литиум-јонските батерии дава плагин-хибрид со системска моќност од 381 КС и вртежен момент од 700 њутнметри. Погонот на сите тркала се подразбира, исто како и осумстепен автоматски менувач. Вака подготвен, T-Prime забрзува до сто за шест секунди и постигнува крајна брзина од 224 km/h. Според нормите за хибридни возила, потрошувачката на T-Prime изнесува само 2,7 литри бензин на сто километри.
Volkswagen најавува комфор како во лимузина, простор за товарење како во комбе, најдобра тракција што може да се добие на пазарот, но и возни својства како спортска лимузина, како резултат од напредната технологија за подвозјето, а на крајот и штедливост како компактен автомобил, благодарение на иновативната погонска технологија.
Новитетите во внатрешноста пристигаат под името Curved Interaction Area, што подразбира заоблени дисплеи кои доминираат во целиот кокпит и носат комплетно ново доживување во ракувањето и прикажувањето на информациите при возењето.
















