за

Фолксваген ИД.7 Турер е комбито за генерацијата Е

Фолксваген во лето ќе почне да го продава ИД.7 како свое прво комби со електричен погон.

Фолксваген ИД.7 Турер

Во Фолксваген секогаш има избор. Може да се избере добар и проверен Пасат Вариант, денес повеќе со бензинец, отколку дизел, а може да се избере и електричен ИД.7, кој нуди сé што нуди Пасат, меѓутоа сето тоа го прави на струја.

Од компактна ИД.3, преку нејзината СУВ-сестра ИД.4, а потоа и купе изведбата ИД.5, до ИД.7 и ИД. Баз, Волфсбург покрива добар дел од пазарот. Еден дел сепак остана непокриен, и тоа е делот што им припаѓа на комби-моделите во средната класа. Пред СУВ-бранот да почне да носи сé со себе, Европа почесто купуваше комби во оваа класа, отколку лимузина. Сегментот уште се држи солидно.

Волфсбург ќе ја покрие оваа празнина со ИД.7 Турер, како комби изведба на ИД.7. Моделот доаѓа в салон во лето и се очекува дека цената ќе почнува од околу 60.000 евра.

Шампионската аеродинамичност на лимузинската „седумка“ мораше да се жртвува заради обезбедувањето простор за товар во опашот, меѓутоа лесното пробивање низ воздухот е одлика и на комбито ИД.7 Турер. Класичниот Пасат е во предимство во тој поглед, затоа што каросеријата не е толку строго создавана според начелата на аеродинамичноста, па има и повеќе простор назад.

При непроменета должина од 4,91 метри и меѓускино растојание од близу три метри, каросеријата се одликува со издолжен покрив и голема задна поклопка. Со закосениот опаш, ИД.7 Турер повеќе е средина меѓу Шутинг Брејк и Вариант.

Рационалното искористување на просторот што е одлика на електричниот погон се покажува на дело во зафатнината на багажникот. Таму стојат на располагање 605 литри уште од старт, односно 1.714 литри со соборена клупа. Тоа се 130 литри повеќе отколку кај лимузината. Предноста на Турер секако не е само во зафатнината, туку повеќе е во слободата за користење на огромниот простор во опашот.

Сé e поголемо кај Пасат Вариант, единствената каросериска изведба во новата генерација на класичарот на Волфсбург. Тој стандардно нуди 690 литри, односно 1.920 литри по соборување на клупата.

Исто како кај Пасат Вариант, не се останало само на поголемиот простор за багаж и лесниот пристап, туку кај ИД.7 Турер се работело и на посебни детали. Тоа главно се зафати коишто овозможуваат багажникот да се подели практично и предметите да се држат цврсто. Иако тоа ѝ наштетува на автономијата на електричното комби, на покривот може да се постави багажник, било тоа да служи за превоз на дополнителен товар или за велосипеди. Фолксваген по желба вградува и влечна кука, што освен за приколка, секако дека ќе биде практична и за носач за велосипеди, за помалку да се нарушува аеродинамичноста.

Турерот може да наполни и повеќе струја од лимузинскиот ИД.7. Додека кај него може да се добие батерија со капацитет од најмногу 77 кВч, комбито може да се нарача и во изведба со 86 кВч. Во почетокот, ИД.7 стои на располагање единствено во конфигурација со 286 КС и преден погон. Со големата батерија, досегот се продолжува на близу 700 километри.

Тоа уште не го загрозува дизелскиот Пасат, но затоа досегот што може да се постигне со ИД.7 Турер со полна батерија е сосем споредлив со бензински Пасат.

Заедно со батеријата со зголемен капацитет, ИД.7 може и побрзо да си ја наполни батеријата на турбо полнач. Место со 175 кВч, кај него максимуимот е 200 кВч. Тоа значи и дека батеријата од 77 и 86 кВч ќе се наполнат за исто време.

Електричните комбиња се на пат. Опел и Пежо во компакт класата веќе ги нудат своите Астра Спортс Турер и 308 СВ во чисто батериска изведба, а во лето и БМВ ќе го понуди својот и5 Туринг.

Титулата на прво комби со електричен погон сепак ѝ припадна на една марка што не се поврзува толку со полначите. Токму Порше ја имаше таа чест и заслуга, да го создаде првото е-комби, со Порше Тајкан, во изведбите Спорт Туризмо и Крос Туризмо.

Премиерата на Фолксваген ИД.7 во Порше

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Годината почна со Дачиа Сандеро, најпродаван модел во Европа во јануари

Фиат повторно е најпродавана марка на концернот Стелантис