за

Фиат повторно е најпродавана марка на концернот Стелантис

Фиат во 2023 ја зголемил продажбата на светскиот пазар за 12 проценти. Марката на Панда и Чинквеченто е најпродавана во Италија, Бразил, Турција и Алжир.

Вкупно 1,35 милион нови автомобили со знакот на Фиат се продадени ширум светот лани. Со раст од 12 проценти, италијанската марка и лани беше најголема марка на концернот Стелантис.

На четири пазари ширум светот, Фиат буквално е домашна марка и тоа секако дека се потврдува и во продажбата. Фиат држи 12,8 проценти од италијанскиот автомобилски пазар, во Бразил му припаѓаат 21,8 проценти, на турскиот пазар 15,7 проценти од новите автомобили лани се Фиат, а во Алжир марката одвај дека остава простор за конкуренција, со удел од дури 78,6 проценти на пазарот. Во сите овие земји се произведува Фиат.

Фиат Страда е најпродаван автомобил во 2023 година во Бразил, Панда во Италија, Типо во Турција и во Алжир.

Оливие Франсоа, извршен директор на Фиат и шеф за маркетинг на Стелантис, изјави по потрдувањето на титулата: „Во текот на минатата година пораснавме глобално, ја зацврстивме својата позиција како глобален играч и трета година во низа, Фиат се докажа како број 1 марка на Стелантис, во продажбата, со глобален раст од 12% лани, со што придонесовме за одличните резуилтати на групацијата.“

Во 2023 година пристигнаа два новитети, Фиат 600, кој е своевиден наследник на Пунто, но сега како градски СУВ-модел, во најпродаваниот сегмент во Европа, а стартуваше и електричното Тополино.

Електричниот 500е е најпродаван Фиат, и прв е во својот сегмент во Италија, Германија, Шпанија, Белгија и Австрија, односно е на второ место во Франција.

Во сегментот на градските автомобили, Торино продаде преку 230.000 примероци од Фиат 500 – не вклучувајќи го електирчниот 500е – и од Панда, постигнувајќи уделна марката од 44,4 проценти.

Во делот на доставните возила, Фиат Професионал Дукато е најпродаван модел на Стелантис, односно е седми по продажба во општа конкуренција во овој пазарен сегмент.

Во Италија беа продадени 175.000 возила, со што беше постигнат удел од 11,1 проценти. Во татковината на марката најпродавана е Панда Хибрид, што се произведува во Помиљиано – веќе 12-та година во низа.

Секако дека и насловот на најпродаван батериски електричен модел во Италија припаѓа на Фиат и на 500е. Пријатно изненадување е тоа што 500 Икс, од фабриката во Мелфи, напредуваше за 25 проценти во споредба со ’22.

Италијанската марка напредуваше одлично и во Франција, каде што се продадоа близу 60.000 примероци од Фиат 500 и Абарт, вклучувајќи дури 24.000 електрични Фиат 500е.

Повеќе од половина милион возила во Јужна Америка

Фиат е лидер во Јужна Америка, со пазарен удел од 14,5 проценти и преку 542.000 продадени возила, за 45.300 повеќе отколку преклани.

Со повеќе од 140.200 возила и удел од 22,6 проценти, Фиат во Бразил е лидер на пазарот на комбилимузини, прв е меѓу пикапите (172.000 возила и 42,6% удел) и доставни возила (26.250 возила и 44,5% удел).

Фиат Страда трета година во низа е најпродаван модел, со 120.600 возила и 5,5% удел. Во сегментот на СУВ возила, Фиат Пулс и Фастбек постигнаа 86.200 продажби, со раст од 43%.

Во Аргентина, Фиат Кронос е лидер уште од 2021 година и владее со сегментот на Б-лимузини со удел од 71,3%.

Марката традиционално се држи одлично во Турција. Пет години во низа, Фиат е најпродавана марка, со удел од 15,7 проценти. Егеа е најпродаван модел во Турција веќе осма година во низа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фолксваген ИД.7 Турер е комбито за генерацијата Е

Германците не му дозволуваат на Илон Маск да ја шири фабриката во Берлин