за

Уште една електро-најава од Volkswagen: Во 2027 година доаѓа ID.1 за 20.000€

Volkswagen планира основен модел со погон на струја за помалку од 20.000 евра. Шефот го најави ID.1 за најдоцна до 2027 година.

По прикажувањето на ID.2, на новиот основен модел во понудата од електрични автомобили на Volkswagen, чијашто цена ќе биде под 25.000 евра, Volkswagen брзо најавува уште еден електричен модел, што повторно ќе го спушти ценовниот праг за возењето на струја во марката од Волфсбург.

Шефот на марката Volkswagen, Томас Шефер, за време на премиерата на ID.2 во Хамбург, кажа дека по ID.2 ќе следи и подостапен е-модел за помалку од 20.000 евра, којшто ќе ја носи ознаката ID.1. „Тој треба да се појави во 2026, 2027 година“. Наспроти првичните планови, за овој модел нема да се чека дури до завршетокот на деценијата, затоа што таков основен електричен модел итно е потребен. „Не може да се чека толку долго на него,“ додаде Шефер.

Во Volkswagen во моментов се работи напорно на предизвикот, како да се постигне таа цена и покрај високите тропоци за батериите. „Тоа е следниот предизвик. Работиме на случајот.“ Уште е нејасно како ќе се постигне тоа. Повеќе можности се во игра, вклучувајќи дури и заедничка платформа со друг производител. „Сепак ценам дека ќе можеме само да го постигнеме тоа,“ уверен е Шефер.

Исто така е отворено и прашањето, дали возилото по таа цена ќе може да се произведува во Европа или ќе мора да се оди на место каде што производството е поевтино. Можно е да се направи отстапка и во името, односно во ознаката на моделот. Уште не е решено, дали најмалечкиот електричен автомобил ќе се вика ID.1 или ќе се избере друго име, посочува директорот Шефер.

Volkswagen ID.2 почнува со продажба за две години

За цена од 20.000 евра се размислувало и за штотуку претставениот ID.2, но тој план бил откажан поради зголемувањето на трошоците. Новата ценовна рамка е 25.000 евра. Електричниот градски автомобил со големина на Polo ќе почне да се произведува во 2025 година во Шпанија, заедно со уште три моделски изведби што ќе ја делат техниката со него.

Прв модел од марките на концернот, што ќе му се придружи на ID.2 ќе биде Cupra Raval. Директорот на Volkswagen кажа дека моделот од шпанската сестринска марка на Seat ќе стартува кусо пред ID.2. Двата модели ќе се произведуваат во фабриката на Seat во Марторел, во близина на Барцелона. Малку подоцна, во сегашната фабрика на Volkswagen во Памплона, ќе стартуваат мал електричен автомобил под знакот на Skoda и СУВ-изведбата на ID.2, којашто веројатно ќе ја носи ознаката ID.2 X. Во моментов се вршат подготовки во двете фабрики.

Годишно ќе се произведуваат најмалку 100.000 возила

Планот е на годишно ниво да се произведуваат „најмалку 100.000 возила, за да се одржи профитабилноста“, објаснува Шефер. Бројот се однесува „на секој од четирите модели“, што значи дека годишната продукција на малечките е-модели треба да достигне 400.000 примероци.

Volkswagen ID.2 прво ќе се продава во Европа. Но, не е исклучено моделот да се продава и на други пазари, кажува Шефер. „Тој има потенцијал да стане светски автомобил.“ Автомобилот сепак нема да се нуди во САД или во Кина. „Таму не би функционирало ова возило“. Меѓутоа, во останатите региони, како Индија или Јужна Америка, постојат големи шанси за малечкиот електричен автомобил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Еден од четирите нови модели во 2023: Ferrari Roma Spider

Suzuki развива роботи што ќе носат пошта до врата