Volkswagen подготви соодветен автомобил за да се појави на средбата на сопственици и заљубеници во електричните ID-модели на марката. За собирот што викендов се одржа на швајцарската страна на Лаго Маџоре, VW го подготви шоу-автомобилот ID.X Performance, базиран врз електро-знаменосецот ID.7, електричниот пандан на традиционалниот Passat.
Силни перформанси, погон на сите тркала, подвозје со проширена трага и соодветен изглед – сето тоа е одамна совладана вежба за марката од Волфсбург. Новината сега е во тоа што Volkswagen продолжува да ја негува оваа вештина кај своите електрични модели. Шоу-автомобилот ID.X Performance е изработен врз основа на електричната лимузина ID.7.
ID.X Performance се идентификува како спортски автомобил со својата динамична појава. Предниот сплитер и задниот дифузор се изработени од карбон. Ширината на трагата на тркалата е зголемена за 80 милиметри. Подвозјето е спуштено за 60 милиметри и стегнато е за да не дозволи силите на попречното и надолжното забрзување да го совладаат.
Тркалата од 20 инчи и гуми со формат 265 на нив, прицврстени се со централна навртка. Затемнетите задни светла го заокружуваат спортскиот настап на електричната лимузина со високи перформанси. Во кабината пречекуваат школкести седишта од карбон. Вообичаено за спортските модели, на бројни детали во внатрешноста е ставен акцент во црвена боја.
Постои причина за сета оваа подготовка на подвозјето и на каросеријата. Двата електромотори постигнуват системски 558 КС и краткотрајно можат да испорачаат екстра моќност. Покрај синхрониот електромотор со постојана магнетска побуда на задната оска, во ID.X Pefformance е додаден асинхронен електормотор на предната оска.

Контролата врз учеството на електромоторите во погонот се врши преку познатиот „менаџер за возна динамика“, што во ID.X Performance дополнително го регулира и начинот на работа на блокадата на задната оска. Со погонот се ракува преку посебен дисплеј од 17 сантиметри во средишната конзола.
Електричната лимузина може да користи полначи со моќност до 200 киловати.

Годинава на собирот во Лаворно зедоа учество рекорден број од преку 130 сопственици на ID-моделите на Volkswagen. На ланскиот собир, марката ги израдува своите клиенти со шоу-автомобилите ID. XTREME и ID. Xcite.
















