
Avatr е автомобилска марка во којашто заеднички инвестираат производителот на мобилни телефони Huawei, најголемиот добавувач на батерии за електрични автомобили во светот CATL и кинеската автомобилска компанија Changan.
Avatr е стартап-компанија што финансиски е подржана од едни од најмоќните техно-компании во Кина и планира за две години да стартува со продажба на своите премиум електрични модели на европскиот пазар. Тоа на салонот во Минхен го најави извршниот директор на компанијата.
Уште една голема амбиција на новиот производител на премиум електрични автомобили од Кина е да изгради фабрика во Европа. Извршниот директор Тан Бенхонг го кажа тоа пред новинарите за време на одржувањето на салонот во баварската престолнина. Уште се работи на изборот на локацијата за фабриката.
Кинезите на салонот ИАА Мобилити го лансираа својот втор модел, големата електрична купе-лимузина 12 (се изговара „one two“). Исто како и првиот модел на Avatr, со ознака 11, дизајнот потекнува од студиото на марката во Минхен.
Avatr е заедничка компанија на државниот производител на автомобили Changan, на светскиот лидер во производството на батерии CATL и техно-гигантот Huawei. Компанијата првично беше основана заеднички од Changan и Nio, пред Nio да се втопи во Changan во 2020 година.
Компанијата уште нема решено со кои модели ќе стартува на пазарот во Европа. „Треба да видиме кои модели ќе одговараат“, кажа Бенхонг.
Avatr најави дека во период од четири години ќе лансира четири модели. Плановите засега се одвиваат добро, откако лани започна продажбата на „11“.
Компанијата цели кон премиум сегментот и планира да им конкурира на владетелите на таа сцена, од ковот на Mercedes-Benz или BMW, најавува шефот Бенхонг.
Моделот 12 е конструиран врз истата платформа CHN како моделот 11. Оперативниот систем HarmonyOS 4.0 и системите за асистенција ADS 2.0 се производ на Huawei. Секако дека батериите потекнуваат од CATL. Точната спецификација за батериите ќе биде објавена во октомври, откако ќе започне продажбата на моделот во Кина.
Avatr во август најави дека ќе биде една од првите компании што ќе ја користат неодамна претставената батерија со литиум-железо-фосфат (LFP) на CATL, наречена Shenxing Superfast Charging. Меѓу можностите на новата генерација батерии спаѓа и полнењето енергија за 400 километри пат за само 10 минути.
Во моделот 11 SUV се вградува батерија од CATL што за 10 минути полни енергија за 200 километри пат. Досегот на овој модел изнесува преку 700 километри. Податокот се однесува на мерење на досегот според кинеските стандарди.

Една од највпечатливите одлики на дизајнот на Avatr 12 е отсуството на заден прозорец. Место тоа, возачот го гледа просторот зад возилото преку камера што е насочена наназад.
Тоа не е прв автомобил без заден прозорец. Polestar, електричната марка на кинескиот гигант Geely, произлезена од Volvo, на салонот во Шангај во април годинава го претстави моделот Polestar 4, каде што исто така отсуствува заден прозорец.
Главниот дизајнер за надворешност на Avatr, Николас Гил, кажа дека компанијата првично го планирала овој детал уште за 11 SUV, меѓутоа планот бил оневозможен поради законите. Тие во меѓувреме се сменија и идејата е применета кај новиот модел.
View this post on Instagram
Според Гил, изоставувањето на задниот прозорец им отворило повеќе слобода на дизајнерите. „Постои техничка предност, естетска предност и практична предност“, објаснува дизајнерот. „Може многу да се игра со пропорциите.“
Багажникот е попросторен, благодарение на поголемиот отвор на багажникот, до којшто се пристапува исто како кај комбилимузина. Една од предностите е тоа што отворањето на задниот поклопец не им се нарушува комоцијата на патниците и не се дозволува во кабината да навлезе жешкиот надворешен воздух. Тоа е само еден пример за предностите. Исто така нема ниту потреба од заден бришач.

Паметниот панорамски покрив може да се затемнува преку посебно копче. „Така се создава многу пријатно чувство внатре“, објасува Гил.
Лимузината со “фастбек“ опаш е долга 5.020 mm, што е во рангот на големите лимузини од премиум сегментот, како Mercedes-Benz EQE или Tesla Model S.
Внатре доминира голем средишен дисплеј, придружен од тенок дисплеј со должина од 35,4 инчи со 4K-технологија, што се протега долж арматурната табла, веднаш под ветробранот.
На двата краеви на арматурната табла се поставени два дисплеи, на коишто се прикажува сликата од камерите што се вградени во вратите, како замена за обични ретровизори.















