за

Fiat Panda Hybrid Red: Италијанска големина на автомобил

Италија ги произведува сите „големини“ на автомобил, сé до Ferrari и Lamborghini, меѓутоа една големина им е специјалност. Градски модели, точно како Fiat Panda.

Денес на сцената се главни неколку категории автомобили: СУВ, електрични автомобили, луксузни крстосувачи од секаков вид – и Fiat. Најиталијанската од сите италијански марки, и по близу 90 години од првиот „тополино“ во иста мера ја владее вештината да направи мали автомобили, што пак се „големи“.

Во време на подемот на батериските електрични автомобили и на СУВ-бранот што уште се наголемува, на ексклузивни серии од срамотно скапи лимузини што се распродаваат уште на невидено, еден пазарен сегмент останува незабележан. Fiat Panda, 500 и Nuova 500 држат четириесет проценти од продажбата во сегментот на градските мини автомобили. Од близу 350.000 автомобили од оваа класа што се продадени во Европа во првото полугодие од 2023 година, 150.000 автомобили се од трите модели на Fiat.

Сегментот што повеќето големи производители го напуштија или наскоро ќе го направат тоа, затоа што им е мала заработката, на Fiat сосем му одговара. Каква е доминацијата на историската марка од Торино, верно прикажува споредбата со Renault Twingo, некогаш многу повеќе забележлив модел во сегментот. Само Fiat Panda од јануари до јуни има 61.538 продадени примероци во Европа, наспроти Twingo со одвај нешто повеќе од 15.000 примероци.

На Panda единствено ѝ парира сестринската Fiat 500, реинкарнација на автомобилското олицетворение на „долче вита“, со 57.409 продадени примероци. Тоа е дури и одличен успех на 500, којшто според македонскиот ценовник е близу 3.000 евра поскап од Panda.

Една црвена Panda во салонот на Аутомобиле СК ќе ни даде одговор како тоа ѝ успева на марката. Веројатно половината од одговорот е во изгледот. Италија ги создава своите малечки автомобили со истата страст со којашто во Маранело или во Сант Агата се создаваат болиди вредни две куќи на море. Додека мини-дизајните на германските или француските марки почнуваат да заличуваат на автомобил дури откако ќе се плати за најскапата изведба, тука уште од старт се добива форма.

Fiat Panda е пример за тоа што Британците го негуваат како „андерстејтмент“, одлика на благородништвото да не се фали со изобилството со коешто располага и да не се шета наоколу со луксузни автомобили

Високо поставените и крупни светла што „гледаат“ со некоја квалитетна емоција и се во погодена пропорција со кусиот нос, само го поттикнуваат интересот да се ѕирне понатаму. Тоа што е главна одлика на формата на Panda, воедно го одликуваше и првиот „чинквеченто“. Тоа е широкиот и заводливо заоблен појас, значи делот од каросеријата што е под работ на страничните прозорци, што прави контраст со рамната и навнатре вовлечена површина на прозорците. Затоа Panda изгледа симпатично малечка, а внатре пак нуди повеќе просторност отколку што се очекува првично.

Високите прозорци, смалените и право изрежани прозорци во задните кровни столбови, испакнатите арки на крилата и заоблениот опаш, којшто потсеќа зошто во Италија не се шета по улица со телефонот во рака, туку се гледа „наоколу“, сето тоа го прави волшебството на дизајнот на италијанските автомобили.

Кусо, Fiat Panda не изгледа како евтин и едноставен автомобил – иако е замислена како таков – туку е направено компактната форма да биде предност и Panda да биде симпатична. Затоа до денес се провлекува таа традиција на бескласност. Fiat Nuova 500 во 1950-те беше автомобил и за богато и за небогато, што не се смени ниту со последната серија 500 R во 1970-те, а уште помалку до средината на 2000-те години, кога се појави ретро-моделот „312“. Тој, пак, дури и во 2023 година уште расте и во првите шест месеци ја зголеми продажбата за близу 19 проценти.

Технички податоци, опременост, цена на Fiat Panda Red во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Fiat Panda 1.0 GSE 70 Red

Салонскиот примерок доаѓа од серијата Red, којашто Fiat ја воведе во својата понуда во екот на пандемијата, како соработка со истоимената организација, којашто во изминатите деценија и пол се бори против пандемиите. „Red“ не е само стилска изведба на Panda со неколку екстра додатоци во опремата, туку има и конкретна функција. Воланот и седиштата, на пример, обработени се со биоцид што спречува развој на микроорганизми и вируси. Истото важи и за филтерот за воздух за кабината. Дел од заработката на Fiat од секое продадено возило од серијата Red, оди на сметка на хуманитарсната организација. Моделите Red се достапни ширум гамата на Fiat, што ги вклучува и Tipo, 500X и електричната Nuova 500, односно кај нас 500e.

За облогите Sequal на седиштата се користи рециклиран материјал, што е добиен со преработка на пластиката собрана од океаните и реките

Основа за Panda Red е моделската изведба Cross, којашто и самата важи како најексклузивна во гамата на моделот. Cross се разликува од основниот модел по браниците со изглед и функција како за теренско возило, вклучувајќи го впечатливиот втор пар светла, по облогите на арките на крилата и црните заштитни лајсни на вратите, по двобојните тркала со посебен дизајн, по диодните задни светла, лакираните капи на ретровизорите  и по црните седишта обложени со Seaqual со монограм Fiat и црвен штеп.

Од функционалната и комфорна опрема, Panda Cross Red располага уште со инфо-забавен систем со дисплеј од 7 инчи, мултифункциски волан, кровни шини, магленки и поделена задна клупа. Автоматски клима уред е обележје на најопремените изведби на Panda уште од претходната генерација на моделот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Моторот работи како благ хибрид, што значи дека на бензинецот 70 КС му асистира електромотор со моќност од 3,6 kW, којшто енергијата ја црпи од 12-волтна батерија со капацитет од 11 Ah (132 Wh). Електромоторот помага кусо при забрзување и за одржување на брината, а секако дека е важна и функцијата на рекуперација, односно искористувањето на енергијата при запирање и забавување, со којашто се полни малата и евтина, но делотворна батерија.

Уште една предност на благиот хибрид, покрај тоа што навистина постигнува намалување на потрошувачката во град, претставува мекото стартување на моторот. Електромоторот, односно официјално стартер-генератор, поврзан е со коленастото вратило на моторот преку ремен, благодарение на што секое стартување на моторот е без вибрации и без типичниот звук. Тоа дополнително внесува комфор во градското возење.

Линк до сите моделски изведби од Fiat Panda што во моментов се на лагер во Аутомобиле СК

ВОЗИЛА НА ЛАГЕР

Аутомобиле СК нуди мошне корисен преглед на возилата што ги има на лагер, преку својот Carstore, своевиден онлајн-салон. Во моментов има две варијанти со боја Rosso Passione, во изведбата Red, со цена од 16.900 евра, односно 17.300 евра, каде што дополнително има автоматски светла и сензор за дожд, електрика и греење на ретровизори и затемнети задни стакла.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lancia ќе отвори 20 дилерства во Франција како дел од новиот старт

Avatr 12, новиот автомобил на Huawei и батерискиот гигант CATL