Фолксваген го спушта влезот во електричен автомобил на 20.000 евра со идниот ИД.1

Серискиот модел, којшто веројатно ќе ја носи ознаката ИД1, ќе биде прв модел на марката Фолксваген, што ќе користи електрична мрежа што е развиена заеднички со партнерот од САД, Ривиан Аутомотив.

Тоа ќе му олесни на ИД.1 да им конкурира на електричните модели со достапна цена и со напредни софтверски функции, што кинеските производители ги пуштаат на европскиот пазар. Тој ќе се натпреварува против електричните модели од кинеските марки, како Липмотор и БИД, но и против традиционалните соперници, како Рено.

ИД.1 ќе биде основниот модел со електричен погон на Фолксваген. Ценовникот ќе почнува од околу 20.000 евра, продажбата стартува во 2027 година.

„ИД ЕвриУан претставува последно делче во сложувалката на нашиот пат кон најширок избор од модели во големоволуменскиот сегмент,“ изјави шефот на марката Фолксваген, Томас Шефер, за време на претставувањето на концептниот автомобил на 5-ти март.

Серискиот модел ќе ја користи истата платформа МЕБ со преден погон како поголемиот ИД.2, што пристига прв во 2028 година и што ќе чини околу 25.000 евра.

Фолксваген кажа дека до 2027 година ќе лансира девет нови модели, од коишто четири ќе бидат дел од семејството електрични градски автомобили, како што се ИД.1, ИД.2 и малечкиот кросовер што беше најавен преку концептниот ИД Ту Ол во 2023 година.

Фолксваген не посочи каде ќе се произведува ИД.1, а не соопшти и повеќе детали околу техниката, вклучувајќи го досегот. Германски медиуми објавија дека електричниот модел ќе се произведува во фабриката на Фолксваген во Сетубал, Португалија.

Концептниот ИД.1 располага со големи тркала, надувани крила и покрив што личи како да лебди над возилото, што на автомобилот му дава „самоуверен, но допадлив“ изглед, вели главниот дизајнер на марката Фолксваген, Андреас Миндт.

Концептниот ИД ЕвриУан го враќа Фолксваген во сегментот на мини автомобилите, откако пред пет години престана да го произведува Ап

Соперници се Донгфенг Нами Бокс, Рено Твинго и БИД Сигал

Серискиот модел ќе претставува сериозен конкурент во сегментот на достапни електрични возила и Фолксваген со него ќе се бори против кинеските производители и против традиционалните соперници што побрзо напредуваат во тој поглед, како Стелантис, Киа и Рено.

Меѓу конкурентите се Донгфенг Нами Бокс, Дачиа Спринг, Липмотор Т03 и БИД Сигал. Наскоро пристигнуваат уште новиот Рено Твинго и очекуваната електрична замена за Фиат Панда.

ИД.1 ќе го врати Фолксваген во сегментот на мини автомобилите, по пет години откако марката престана со производство на Ап, што се нудеше и во целосно електрична и во класична безинска изведба.

ИД ЕвриУан е долг 3,88 метри, што е значително повеќе од Ап којшто е долг точно 3,8 метри, а пак е покус од ИД Ту Ол, којшто е долг 4,05 метри.

Концептот постигнува највисока брзина од 130 км/ч и користи нова генерација на електричен мотор со 70 кВ (95 КС). Досегот е од околу 250 километри, па нагоре во поскапите изведби.

Фолксваген наведува дека во ИД.1 ќе има доволно простор за 4 патници и за нивните куфери во багажникот од 305 литри.

Софтверот од Ривиан го поедноставува производството

Шефот за развој на техника Каи Груниц, кажа дека сериската верзија на ИД ЕвриУан ќе располага со „моќна софтверска архитектура, што ќе овозможи тој да биде опремен со нови функции и посебно да се приспособува на потребите на корисниците низ целиот свој век на експлоатација.

Тој кажа дека марката ги смета своите идни модели од ковот на ИД ЕвриУан, како „возила што се дефинирани од клиентите“.

Внатрешноста на концептниот ИД ЕвриУан има голем средишен дисплеј и помал дисплеј пред возачот.

Тековните модели на Фолксваген, вклучувајќи ги освежениот Голф и новиот Тигуан, ја користат дигиталната архитектура МИБ4 (Модуларна матрица за инфо-забава од 4-та генерација), со гласовна контрола на поддршка на Чет ГПТ.

Новата софтверска архитектура што е развиена со Ривиан бара помалку електронски контролни единици и значително помалку кабли, со што се смалува тежината на возилото и се поедноставува производството.

Внатрешноста на ИД ЕвриУан поседува голем средишен дисплеј и значително помал дисплеј со информации за возачот. Под дисплејот се наоѓаат физички копчиња за контрола на температурата, за греењето на седиштата и за звукот. На воланот исто така има повеќе копчиња.

Меѓу иновативните функции спаѓа средишна конзола што лизга по шина и ФВ ја опишува како „мултифункциска алатка“, што е изведено по пример на големиот електричен ван ИД Баз.

Во внатрешноста на концептниот ИД ЕвриУан се среќаваат елементи од класичните модели на ФВ, како правата долна линија на прозорците и затемнетата маска меѓу предните светла, по пример на првиот Голф.

„Отсуството на трендовски ефекти значи дека ИД ЕвриУан ќе остане модерен долги години и со тоа ќе биде безвремен“, стои во соопштението од ФВ.

Миндт кажа дека дизајнерите имале намера на возилото да му внесат „стабилна“ става со широките крила и со вовлечениот дел по средината на каросеријата.

Елементот на „допадливост“ го застапува ефектот на „очи“ кај предните светла, вели дизајнерот.

ИД.1 е развиен во рамки на марките од јадрото на групацијата Фолксваген, каде што покрај матичната марка влегуваат уште Шкода, Сеат и Купра.

Покрај ИД.1 ќе бидат понудени и верзии од останатите големоволуменски марки на концернот. Од ИД.2 и од неговата СУВ изведба ќе бидат понудени и верзии на Шкода и Купра.

Видеото од тестот на Фолксваген ИД 4

Претходна објаваСпортски СУВ за новата ера · Промоција на целосно новиот CUPRA Terramar во Македонија
Следна објаваЕУ ќе ги тера фирмите да купуваат електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here