
Европската Комисија има намера да ја забрза побарувачката на електрични автомобили во службените возни паркови, на тој начин што ќе ги укине даночните олеснувања за службени возила со бензински и дизел мотор.
Извршното тело на ЕУ, по разговорите со претставници од браншата, донесе акциски план за автомобилската индустрија, за да се осигура производителите на автомобили во ЕУ да ја прошират својата понуда од електрични модели и да се натпреваруваат со кинеските соперници.
Европските производители тврдат дека пуштаат нови модели во продажба, меѓутоа побарувачката е слаба. Пазарниот удел на ЕВ во Европа во минатата година забележа пад од 13,6 проценти, според здружението АЦЕА. Во јануари, пак, побарувачката порасна 15 проценти во споредба со истиот месец лани.
Во предлог документот на Комисијата, во којшто Ројтерс имаше увид, стои дека службените автомобили сочинуваат околу 60 проценти од новорегистрираните автомобили во ЕУ. „За да се обезбеди соодветен раст кај возилата со нулта емисија во службените возни паркови, клучно е да се прекинат субвенциите за возила со погон на фосилни горива“, се наведува во работниот документ.
Во документот понатаму стои дека Комисијата до завршетокот на годинава ќе предложи закон за декарбонизација на службените возни паркови, со мерки за поддршка на побарувачката за ЕВ.
Комисијата исто така ќе објави препораки до националните, регионалните и локалните власти, за чекорите што тие ќе треба да ги преземат за да се забрза побарувачката на електрични возила.
АЦЕА е со став дека недоволната мрежа од полначи во дел е виновна за слабата побарувачка, со околу 60 проценти од сите станици за полнење што се наоѓаат во само три држави.
Наглото прекинување на субвенциите во Германија и отсуството на доставни ЕВ исто така ја задушуваше побарувачката досега.















