Царините на Трамп се штетни и за Тесла и останатите производители на ЕВ од САД

Во автомобилите на Тесла се вградуваат голем број делови што се произведени во САД, но има и значителен број делови што се увезуваат од Мексико.

Тесла, Ривиан и Лусид, производители на електрични возила во САД, имаат предимство над традиционалните производители на автомобили, во поглед на планираните царини на претседателот Доналд Трамп за Канада, Мексико, Кина и останатите трговски партнери. Но, и новодојденците во браншата не се целосно поштедени од царини.

И покрај тоа што нивните фабрики се наоѓаат во САД, овие специјализирани производители на електрични возила и натаму се потпираат на добавувачките синџири во Северна Америка и Азија, за голем дел од компонентите што тие ги вградуваат во своите автомобили.

Тесла е во релативно добра состојба во тој поглед, оценуваат аналитичарите. Компанијата има поголем удел на компоненти од домашно потекло од кој било друг производител, вклучувајќи ја и големата тројка од Детроит. Но, во возилата на Тесла уште се вградуваат голем дел компоненти што доаѓаат од Мексико.

Аналитичарите направија слика што детално прикажува колку трите производители се изложени на царини.

Тесла: Со најголем удел на компоненти од САД

Тесла има поголем удел на компоненти од САД од која било друга марка, покажуваат податоците што производителите ги поднесуваат до НХТСА. Нејзините пет модели имаат удел на домашни делови од 60 до 75 проценти, иако во тој удел се пресметани и деловите од Канада.

За да се добијат поверодостојни податоци, Училиштето за бизнис при Американскиот Универзитет, ги провери и останатите податоци, како на пример, каде се произведени електромоторите и преносот, па и каде е направена завршната монтажа.

Најновите податоци на НХТСА исто така покажаа дека возилата на Тесла имаат удел на компоненти од Мексико меѓу 20 и 25 проценти, зависно од моделот. Тоа ги изненади аналитичарите.

Сем Фиорани, директор за автомобилски прогнози при АутоФоркаст Солушнс, вели: „Кога станува збор за возила од 40.000, 50.000, 60.000 долари, тоа е значајна сума. Тесла ќе мора да ги плаќа царините за деловите од Мексико, да најде домашни алтернативи или дел од трошоците да префрли на купувачите.“

„Тесла постојано ги менува цените според трошоците и побарувачката, така што менувањето на цените нема да биде голем проблем за Тесла,“ оценува Фиорани. „Производителот работи профитабилно, иако продажбата опаѓа на некои главни пазари, како Европа“, додава експертот.“

Лусид: На половина пат

Лусид Ер

Првото возило на Лусид, лимузината Ер, располага со 46 проценти делови од домашно производство, според податоците од 2023 година. Компанијата не ги наведува останатите земји од коишто набавува компоненти, за разлика од Тесла.

Производителот со седиште во Њуарк, Калифорнија, врши монтажа на своите возила во Каза Гранде, Аризона. Лусид самостојно ги произведува моторите и исто така самостојно врши монтажа на батериите, со користење на батериски ќелии што се увезуваат од Јапонија.

„Батериските ќелии Панасоник Енерџи 2170 се произведуваат во Јапонија, а се очекува тие во иднина да се произведуваат и во новата фабрика на Панасоник во Канзас“, соопшти производителот.

Ројтерс објави дека Трамп неделава може да го постави Токио за следна цел за царините.

Лусид лани имаше загуба од 2,7 милијарди долари, додека една година пред тоа загубата достигна 2,8 милијарди долари.

„Малиот удел на компоненти од САД е проблем за Лусид,“ оценува Фиорани.

Ривиан: Мистерија

Ривиан не се појавува во базата на НХТСА. Фиорани цени дека Ривиан има сличен удел на домашни делови како Лусид, односно околу 50 проценти. Компанијата исто така ги произведува електромоторите самостојно и врши монтажа во Нормал, Илиноис.

Во финансиските извештаи стои дека батериските ќелии се набавуваат од Јужна Кореја. Ривиан соопшти дека во својот следен модел, кросоверот Р2, ќе се користат батериски ќелии од ЛЏ Енерџи Солушнс, што се произведени во САД.

Ривиан лани имаше загуба од 4,7 милијарди долари. Тоа е мало подобрување во споредба со 2023 година, кога загубата изнесуваше 5,4 милијарди долари.

Видеото од тестот на Фиат 600 Хибрид

Претходна објаваЕУ ќе ги тера фирмите да купуваат електрични автомобили
Следна објаваЕлектричната лимузина на Волво полни брзо, патува далеку

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here